| четврток, 6 декември 2018 |

Чиста „Си-Ен-Ен“

Во својата чиста форма, телевизиската компанија „Си-Ен-Ен“ е екстремно зло, куќа на сеништата и на приказите, служители на нечестивиот, корумпирани и суетни трабанти на центарот на моќта во САД.

„Си-Ен-Ен“ е рингишпилот на смртта, подбуцнувачот на војна, дволичниот трговец со души, бастионот на неолибералната тиранија, која во својата последна – барокна фаза почнува да дејствува очајнички и неодговорно, да ги уништува сите тие што не може да ги контролира, да се однесува параноично и агресивно, но и да ги губи своите хипнотички способности, кои го парализираа светот, и внатрешниот во САД, но и надворешниот, кој сѐ повеќе и повеќе гледа на американската хегемонија како на опасна за планетарниот мир и како на главен агенс за геополитичкиот неред во кој сите тие што пројавуваат колебливост за прашањата на беспоговорноста на американската доминација во светот и веќе се освестуваат за ноторната реалност на мултиполарноста и кокетираат со новите амбициозни империи или, подобро – старо–новите – Русија и Кина, и се прифаќаат како непријатели на „најдобриот од сите можни светови“ (цинично, парафразирајќи го Лајбниц) и, сходно на нивниот непоимлив бес – бесот на губитништвото и на пропаѓањето, остро и масивно се струполува врз нив обидувајќи се да ги пеплоса.

Тоа уништување на одредени држави и општества, кои стојат на патот на американската волја, е веќе долгогодишна традиција, која трае повеќе од половина век, а човештвото е одамна отрпнато на ова поведение на, до вчера, единствената суперсила во светот.

Веројатно, последниве две-три децении од пропаста на комунизмот во СССР, а аналогно на тоа и во другиот дел од Европа, доминацијата на САД беше апсолутна и не беше вистински предизвикана речиси од ниедна посериозна земја, па токму поради овие состојби, империјата на Американците стана доволна сама за себе, суетна, инертна, мрзлива и крута.

Нејзината интелектуална елита, ориентирана неолибералистички, се обиде во оваа фаза да го запре „филмот“ со разни теориски небулози – „крајот на историјата“ на Фукојама, а американската формула за општествено уредување и нејзината светска предоминација да станат статус кво, кое ќе се потхранува со константен доток на медиумска пропаганда и технолошки иновации, кои светот ќе го прават сѐ поконфорен и похедонистички, а неолиберализмот ќе стане еден вид суперидеологија или, ако сакате – универзална религија за човештвото што ја населува планетава.

Во овие неможни, а, со самото тоа, и неприменливи стратегии, видно место заземаат електронските медиуми, пред сѐ, телевизиите, како „Си-Ен-Ен“, кои се обидуваат психолошки да го затрујат светот со своите системи на илузија и со своите подмолни инсинуации, со своите медијалистички инструкции кон масите, затапените и збунети луѓе, робовите на моќната и безмилосна светска олигархија, која им дозволува (каква великодушност) да гледаат во кутиите со слики и тон и да ги сонуваат своите идиотски сништа, а притоа да бидат контролирани како стадо, а не почитувани како општество и интелигентна заедница.

Ужасно е тоа какво непочитување кон луѓето и гледачите покажуваат овие медиумски куќи, каква што е „Си-Ен-Ен“. Нивото на нивните емисии и интерпретации е на толку ниско ниво, што веќе ни најглупавите и најнаивните луѓе на земјава не веруваат во нив. Но, упорноста – силата на глупавите, е секогаш последната опција на очајникот. А „Си-Ен-Ен“ е вистински скитник, поаѓајќи од степенот на вистината и на непристрасноста, што се свети обврски на секое новинарство, што има душа и достоинство. Овде, се чини, душите на главните протагонисти, политичките коментатори и нивните уредници, се одамна продадени на големиот менаџер на пеколните беспаќа.

Сите овие јавни личности, поврзани со политичките афери во САД и во светот, што дефилираат на оваа грозна и отчовечена медиумски институција, изгледаат ужасно, ако успеете да ги видите на еден длабински начин, продирајќи во суштината на нивната опоганета личност. Тие повеќе прилегаат на бездушни марионети што дејствуваат и говорат на начин што за нормално, човечко суштество, надарено со смисла за вистина и за правда, е монструозен, одвратен и крајно тенденциозен.

Настрвеноста на оваа банда непринципиелни пропагандисти е толку евидентна и фалгрантна, што самите гледачи треба да се срамат од овие лигави апологети на неолибералниот тирански режим, кој царува во Вашингтон ДЦ, откако американската моќ го загуби својот конкурент на планетарно ниво – СССР.

Во последната претседателска кампања во САД се видоа сите овие гадости во медиумската сфера, чијшто најмаркантен претставник е токму „Си-Ен-Ен“. Кој воопшто би помислил, дека ваква нехуманост и опсесивност ќе се изроди кај оние, кај кои света задача треба да биде да ја проследуваат вистината и да ја бараат правдата. Но, ништо од сето тоа. Односно, тука видовме обратни тенденции, проследени со лукративност и со опортунизам, а ваквиот амбиент само сведочи за длабоката морална и општествена криза, во која влегува темелно нарушената империја на злото.

Порано, во времето на Реган, таа злобна империја беше СССР, но оваа држава исчезна и САД останаа осамени и тажни кандидатки за титулата, која никако не прозападна со деструирањето на комунистичкото царство – Советскиот Сојуз. Така, ликот на светскиот злосторник, овој пат се залепи за лицето на САД, а медиумите како „Си-Ен-Ен“ беспоговорно го глорификуваа овој монструм, за момент и тие станувајќи страшни и ужасни, без оглед на нивните вештачки насмевки и пластични лица.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top