| четврток, 6 декември 2018 |

Во паничен страв од волјата на граѓаните Заев бара спас и во најмрачните ликови од македонската транзиција

Со наближување на изборите закажани за 11 декември, расне паниката и стравот на Зоран Заев дека овој пат нема да може да избега и ќе мора да се соочи со волјата на граѓаните и дебаклот што го очекува. Стравот на Заев се зголемува од ден во ден и се потешко СДСМ може да го сокрие очајот во кој што се наоѓа раководството.

Аболицираниот криминалец Зоран Заев нема никаков кредибилитет меѓу народот и на неговите ветувања се гледа како на уште една лага во низата со кои СДСМ со години ги манипулира граѓаните. Впрочем и самите членови на раководството на СДСМ го прогласија 11 декември за нов 15 септември, денот кој македонскиот народ го памети по најголемата лага за вработување на по еден член од секое семејство. Заев, кој беше аболициран за криминал тежок 7 милиони евра, кој самиот признава дека тежи десетици милиони евра, ги потценува граѓаните убедувајќи ги дека нема живот и дека треба да го гласаат за тој да им дал живот.

Последната силна шлаканица за лагите со кои аболицираниот Заев ги потценува граѓаните пристигна од Светската банка, која и покрај политичката криза во којашто СДСМ ја држи Македонија веќе две години, ја рангираше земјава меѓу 10-те најуспешни економии на глобално ниво на листата Дуинг бизнис.

Затоа Зоран Заев очајнички го активира механизмот кој најдобро го познава. Ангажирање на осудени криминалци и истрошени ликови кои се познати по валкани игри и малверзации за да ги клеветат и навредуваат противниците на кои не може да им се приближи, со надеж дека ваквиот обид ќе остави впечаток кај граѓаните дека сите политичари се исти.

Своите пет минути вчера во „Топ тема“ ги доби Слободан Богоевски, лице осудено за криминал тежок стотици илјади евра.
Слободан Богоевски вчера искажа безброј лаги без ниту еден аргумент. Дел од нив веќе се докажани и во завршени судски предмети. ВМРО-ДПМНЕ и официјално најави дека против Богоевски ќе бидат покренати тужби за клевета, но медиумите под контрола на СДСМ/Сорос продолжуваат да ги шират лагите.

„Лицето Слободан Богоевски, осуден за криминал за кој има одлежано казна затвор, синоќа ја искористи телевизија Телма и времето што му беше дадено во емисијата „Топ тема“ за да изнесе лаги и клевети во обид да го наруши угледот на ВМРО-ДПМНЕ и на функционери од партијата. За сите невистини кои ги изнесе ќе добие тужби за клевета пред надлежниот суд.

За ВМРО-ДПМНЕ гостувањето на Слободан Богоевски претставува уште еден очајнички обид на аболицираниот криминалец Зоран Заев, да користи лица кои биле осудени за криминал и лежеле казна затвор за да му ја вршат валканата работа, надевајќи се дека со лаги и клевети ќе успее да го изманипулира народот, наметнувајќи му мислење дека сите политичари се исти“, се вели во соопштението од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

kondominas

Богоевски во синоќешното интервју, меѓу другото, рече дека грчкиот бизнисмен Димитрис Кондоминас е најзаслужен за врвните дострели во македонската политика на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер Никола Груевски.

Политичкиот ментор на Груевски, Кљусев, беше министер за одбрана во владата на ВМРО-ДПМНЕ на предлог на Демократската алтерантива. Но Кондоминас е оној на чие барање прво Груевски станува министер за финансии на местото на Борис Стојменов, а подоцна му го предлага на Љубчо Георгиевски и за лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Кондоминас го направи тоа бидејќи Груевски е потписник на катастрофалниот коруптивен договор со ОКТА, од кој имаше ќар – рече Богоевски.

Ljubco Georgievski za sajt

 

Лидерот на ВМРО НП, Љубчо Георгиевски категорично ги отфрли наводите дека грчки бизнисмени сугерирале или на каков било начин влијаеле при номинирањето на Никола Груевски за министер, премиер или претседател на ВМРО ДПМНЕ, а исто така ги негираше и лагите на Богоевски поврзани со приватизацијата на Окта.

Не е точно дека грчкиот бизнисмен Кондоминас сугерирал Груевски да биде министер, премиер или претседател на ВМРО-ДПМНЕ, тврди поранешниот лидер на партијата и премиер Љубчо Георгиевски за Радио Слободна Европа.

Тој вели дека Кондоминас нема врска со приватизацијата на Окта, туку дошол подоцна со приватизацијата на Телеком.

Можам да ви кажам дека прво моето мислење за Слободан Богоевски е дека е еден од најмрачните ликови на севкупната македонска транзиција и мене ми е жал што, нели, сега во ова време на критика на актуелната власт, која заслужува и треба да се критикува им се дава шанса на секакви луѓе кои просто не заслужуваат ништо друго освен да бидат игнорирани од времето. Значи за политичкиот дел на Слободан Богоевски можам да зборувам многу за да ја потврдам таа негова мрачна улога во севкупната македонска политика. Што се однесува сега малку на делот за Кондоминас, сакам да ја потсетам македонската јавност на неколку работи – ако некој му е познаник, да не речам пријател, на Кондоминас, тоа е господинот Слободан Богоевски и според моја информација, нивното познанство датира од времето кога министер беше Фрчковски и онаа фамозна приказна за доаѓањето на некој грчки генерал кој го криеле овде во Македонија, а за тоа наплатиле пари. Значи, од тогаш датира пријателството на Кондоминас со Богоевски, а подоцна исто така со, нели, некои информации кои ги имам, нивното пријателство се зголемува до таму што куќата што ја имал Слободан Богоевски на Водно му ја продава за над милион евра на Кондоминас, а син му одредено време е директор на фирмата на Кондоминас овде во Македонија и на крајот само ќе ве потсетам дека делото за кое лежеше затвор господинот Слободан Богоевски, затоа што фалсификувал потпис на Кондоминас и на тој начин му има узурпирано имот кој се наоѓа некаде на територијата на Скопје. Е сега тоа е за релацијата Кондоминас – Богоевски. За релацијата на Кондоминас со нашата влада најодговорно тврдам за времето кога се приватизираше ОКТА, никој од Владата на Република Македонија немаше чуено, ниту пак, Кондаминас се појави во Македонија кога се приватизираше ОКТА, ниту имаше некаква улога во приватизацијата на ОКТА. Целата приватизација одеше во директни преговори до грчки владини претставници. Јас ќе ве потсетам само колку пати доаѓаа грчки министри за да се заврши целата таа приватизација. Кондоминас се појави во Македонија со приватизација на Телеком, меѓутоа никој од Македонија него не го бараше, туку него во Македонија го донесе Дојче телеком. Јас првпат со Кондоминас се имам запознаено кога во Македонија доаѓа еден од директорите на Дојче телеком и го претставува Кондоминас како партнер. Тоа е најодговорно што ви го тврдам. Не знам какво било пријателството меѓу Кондаминас и Никола Груевски, немам таков впечаток од тоа време и немам некои посебни детали, меѓутоа дека Кондоминас сугерирал Никола Груевски да биде министер, премиер или претседател на ВМРО-ДПМНЕ, тоа е комплетен нонсенс, тоа е толкување на еден човек кој се има комплетно искомпромитирано пред правниот систем на Република Македонија и сега сите му се криви. И повторно потенцирам дека Слободан Богоевски треба да ни го раскаже неговиот однос со Кондоминас, колку време се пријатели, каков бизнис-однос имале и како дошло на крај тој да му го узурпира имотот на Кондаминас. Никој друг не му е крив, освен тој самиот, истакна Георгиевски.

Со тоа Љубчо Георгиевски практично потврди дека нарачаното и режирано интервју на Слободан Богоевски на Телма е уште еден срамен потег на еден од најмрачните ликови во македонската историја.

Слободан Богоевски во април 2013 година, заедно со уште три лица беше приведен во полициската операција „Агент“, поради сомнение дека сториле повеќе кривични дела како „„перење пари и други приноси од казниво дело“, „фалсисификување исправа“, „употреба на исправа со невистинита содржина“ и „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Богоевски се товареше дека заработил околу 132.000 евра од малвезацијата со продажбата на парцелата кај спортската салата „Борис Трајковски“. Суштината на проневерата беше во продажба на земјиште кај СЦ „Борис Трајковски“ на словенечки „Меркатор“ во име на кипарска фирма, иако тоа веќе ѝ било одземено на кипарската фирма од страна на државата. На ваков начин биле проневерени еден милион евра.

Осум месец месеци подоцна заврши и судскиот процес во кој што врз основа на докази, Богоевски беше прогласен за виновен. Богоевски, беше осуден на двегодишна казна затвор за перење пари.

Освен најавените тужби од ВМРО-ДПМНЕ, денеска почнаа да пристигнуваат и реакции од останатите кои Богоевски ги спомнуваше во валканото интервју со Чомовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top