| четврток, 6 декември 2018 |

Толку и од оваа идеја на Заев: Наместо трет блок македонската десница пред обединување

zaev-ljubco

Наместо на страната на СДСМ, македонската десница е на чекор до обединување, односно враќање во јадрото на ВМРО-ДПМНЕ. Пропадна обидот на опозицијата преку ситни десничарски партии да влече дел од гласовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, пишува порталот Прес 24.
„По вчерашниот настап на лидерот на ВМРО-НП, но и по писмото кое Ламбе Арнаудов го објави во медиумите, во десницата се погласно се зборува за враќање на Љубчо Георгиевски во партијата во чие формирање учествуваше на почетокот на деведесеттите. И Георгиевски и Арнаудов ги потврдија информациите дека се водат преговори со ВМРО-ДПМНЕ за заеднички настап на изборите. И двајцата функционери на ВМРО-НП велат дека понудата што ја добиле од Груевски била фер и добра основа за да се водат разговори по ова прашање“, пишува порталот.

Георгиевски вчера потврди дека се водат и преговори со партијата на Павле Трајанов, но рече дека е свесен кој што може да му понуди и дека сите опции остануваат отворени.

Во меѓувреме, СДСМ им ја затвори вратата на десничарските партии. Битката за позиција на пратеничките листи кои треба да излезат од „Бихаќка“ не остави простор за некој од самопрогласените десничари да го впише своето име на нив.

„Оттука, раководството на СДСМ пресмета дека поголема корист од ситните структури кои за себе велат дека пропагираат десничарска политика ќе види ако тие излезат сами на избори и успеат да симнат меѓу 5 и 10 илјади гласови од контото на ВМРО-ДПМНЕ.
Заев пресметал дека Павле Трајанов, Јове Кекеновски и остатоците од партиите на Бошковски и Стојанче Ангелов вредат само толку колку за да извлечат 10.000 гласа од таборот на ВМРО-ДПМНЕ“, пишува Прес 24.

Дали ВМРО-НП, која де факто е најсериозен политички субјект кога се прави споредбата со останатите партии од т.н. трет блок, ќе влезе во огнот во корист на СДСМ или пак партијата ќе се обиде преку десницата да обезбеди политичко влијание, ќе се знае во наредните денови.

Во меѓувреме, не цветаат рози ниту во коалицијата на Павле Трајанов и Јове Кекеновски.
И двајцата досега не излегле на политичкиот мегдан и воопшто не знаат колкава е нивната тежина на политичката сцена. Дополнително, партијата на Љубе Бошкоски, која треба да биде дел од оваа коалиција е пред класичен колапс. Откако партискиот лидер ја отслужи затворската казна, освен што се појави на еден партиски настан, практично исчезна од политичката сцена. Има информации дека веќе не се наоѓа во Македонија и дека постои можност воопшто и да не се врати до изборите.

Слична е ситуацијата и со партијата на Стојанче Ангелов, Достоинство. И тој се уште не е во Македонија, па се става знак прашалник колку оваа коалиција може да биде сериозна конкуренција на десницата на изборите на 11 декември.

Од друга страна, со исклучок на еден изборен циклус за Бошкоски и двете партии повеќе беа во левичарскиот отколку во десничарскиот блок, што го поставува прашањето, колку се тие привлечни за тврдите десничари.

Ваквиот развој на настаните извесно е дека ќе ги поремети математиките на Заев.

Колку и да траат меѓупартиските разговори и калкулации, мора да завршат пред 11 ноември кога истекува и последниот рок за поднесување на кандидатските листи до ДИК.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top