Организацискиот тим на Фестивалот на европската книжевност „Букстар“ го најавува отворањето на второто издание на фестивалот со гостувањето на холандската писателка Маренте де Мор. Денеска, 24 октомври 2016 година, со почеток во 20 часот, во Јавна соба ќе биде промовиран нејзиниот роман „Холандска девица“, издание на „Антолог“, кој на македонски јазик го приопшти Ели Пујовска. Книгата е објавена со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и на Министерството за култура на Република Македонија.
Романот е добитник на Европската награда за литература во 2014 година и на наградата АКО, највисоката книжевна награда во Холандија, а ќе го промовира писателот и литературен критичар Александар Прокопиев. Делови од романот, заедно со Маренте де Мор, ќе чита Елена Стојановска, која ќе биде и водител на настанот. Студенти од втора година на Факултетот за драмски уметности се задолжени за перформансот на отворањето. По официјалниот дел на промоцијата следува журка со настап на „The Hounds“, алтернативен и прогресивен бенд од Прилеп.
„Холандска девица“ е преведен на 10 јазици, а зборува за едно возбудливо лето во кое 18-годишната Јана ќе тргне сама на енигматично патување во Германија. Татко ѝ ја испраќа кај Егон фон Бетихер, кој треба да ја научи да мечува. Егон е мистериозна личност, но и магнетичен шармер. И Јана едноставно не може да одолее. Но оваа прекрасна книга не е само книга за љубовта и за губењето на невиноста. Лошо е што сме во 1936 година. Пред Јана се отвора светот на возрасните, полн со прашања и со спротивности. Во нејзините очи се судираат стариот хероизам на аристократската класа и варварството што надоаѓа со ширењето на нацизмот. На раб од големиот историски пресврт на Втората светска војна, Јана ќе доживее индивидуална промена по која нема враќање. Дали ова патување е во еден правец?
Авторката на романот, Маренте де Мор, има објавено три романи, како и книги со колумни и со кратки раскази. Студирала словенски јазици. Во 1990-тите живеела во Русија, пишувајќи за холандски и за руски медиуми. Со авторско дело дебитирала во 2007 година. Од 2009 работи како колумнист во списание за политика.
Таа во саботата пристигна во Скопје и викендов го искористи да посети неколку значајни места во Скопје и околината, од кои беше посебно импресионирана, а најголем впечаток ѝ оставија црквите во манастирите „Св. Андреја“ на Матка и „Св. Пантелејмон“ на Водно.
Читателите ќе имаат поголема можност да ја запознаат авторката одблиску и денес во Книжевниот центар „Антолог“, со почеток во 11 часот, кога ќе се одржи и првиот настан од програмата Книжевно кафе на кое таа ќе потпишува книги и со кафе и слатки ќе ја запознае својата публика во Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.