| четврток, 6 декември 2018 |

Слонови

 

Ацо Станковски

Ацо Станковски

 

Прекрасната новела на Ернест Хемингвеј, „Брегови како бели слонови“, ме инспирира за едно надреално патување, поврзано со нашата политичка сцена. Затоа што оваа општествена состојба во Македонија недвојбено содржи елементи на парадоксалност, ирационалност, чудовишност, параноичност и гротескност, што се неразделиви естетски фактори на еден фантазмагоричен свет, кој повеќе прилега на сон, отколку на јаве.

Слонот, по себе, е чудесно животно, повеќе како приказ, отколку како некое ординарно суштество од нашето лично искуство, нешто што лесно би препознале и соодветно би го категоризирале. Но овој вчудовидувачки сурлаџија е како животински универзум. Неговите очи гледаат проникливо во нас, просудуваат и мерат, а телото му е како планина, нозете како диреци или стебла на големи дрвја и, конечно, таа вџашувачка сурла, таа цевка и труба, таа рака и нос, воедно.

Велат дека со врвот од сурлата, која како да е составена од три прста, може да подигне игла од мермерен под.

Навистина, слоновите одамна ја распалиле човечката фантазија, но и алчност, посебно кога се работи за слоновата коска (неговите бивни), која има висока цена во индустријата за сувенири и за накит. На овој начин се истребени многу примероци и, така, бројот на слоновите на светско ниво беше стравотно редуциран.

Потоа почнаа разни проекти за зачувување на преостанатата слоновска популација во светот. Се создадоа резервати на површина од стотици квадратни километри, места каде што овие колосални животни би го имале својот „Lebensraum“, а маргините на овој слоновски азил ги чуваа одреди ренџери од групите криволовци.

И слоновската популација се размножи бидејќи во природните услови, какви што беа создадени во тие големи пространства заштитени од државата, слонот нема природен непријател. Ниеден предатор не би се осмелил да нападне слон, а што се однесува до младенчињата, тука стадото многу ревносно се грижи за нивната сигурност и, доколку некои посериозни ѕверови од саваната, како глутница лавови, на пример, сакаат да грабнат некое слонче, тогаш целото стадо се втурнува кон нив, при што царот на животните, заедно со неговите леди и лордови, треба што побрзо да избега од сцената, инаку ќе биде здробен од забревтаните животински тенкови, какви се, впрочем, слоновите.

Поради оваа сила и големина, со која најголемиот копнен цицач на планетава е надарен, многу народи што живеат во регионите во кои постои слонот, создале митови и легенди за ова восхитувачко животно, приказни со глорификувачки контекст, па дури и аспекти на деификација, како што е направено во хиндуистичката религиозна традиција со божеството Ганеш, кое добило слоновска глава откако Шива му ја отсекол неговата оригинална глава. Кога богот Шива сфатил дека направил кобна грешка со овој насилен чин, се зарекол дека на обезглавениот Ганеш ќе му ја даде главата на првото суштество што ќе се појави на сцената. И, во тој момент, случајно се појавил некој слон, при што Шива му ја отсекол главата и му ја насадил на Ганеш. Така, Ганеш повторно се здобил со глава, но овој пат слоновска. Инаку, ова фантазмагорично хиндуистичко божество – Ганеш, е божество што носи среќа и бериќет и често ќе го видите во минијатурна форма како амајлија, закачена под ретровизорот на возилата на индиските таксисти.

Инаку, за разлика од африканските слонови, кои живеат во дивината, дел од таканаречените индиски (азиски) слонови се припитомени и ставени во служба на човека. Во Индија, Бангладеш, Шри Ланка или Тајланд, слоновите се користат за разни работи, тоа се живи машини, кои се вклучени во транспортниот и во градителскиот бизнис, но и во туризмот од најразлични категории, од прошетки, до лов на тигри. Ова последното е одамна редуцирано, па и забрането, но кога во одреден округ ќе се појави тигар човекојадец, тогаш државата го осудува овој убиец на луѓе на смрт и екстерминатор со сертификат се овластува да организира лов на овој ѕвер. Ловот, меѓу другото, подразбира и користење слонови, на чијшто грб се прицврстени големи кошници, во кои се сместуваат гонителите и ловецот. Во постари времиња ваквите ловови биле приредувани за махараџите, а подоцна оваа традиција ја прифатиле и британските колонијалисти.

Слоновите, како ретко кое животно, доживеале голема историска промоција, барем што се однесува до западната цивилизација.

Прво, се споменуваат по повод индиската воена кампања на Александар Велики, кога војската на македонскиот цар се судрила со таа на северноиндискиот владетел Пор, во која имало и единици составени од слонови – вистински подвижни тврдини.

Во вториот случај, историјата нѐ упатува на картагинскиот владетел Ханибал, кој во својот обид да го освои Рим, тргнал со голема војска преку Иберија, јужна Галија, па форсирајќи ги Алпите, им се појавил на Римјаните од север, од каде што, наводно, најмалку го очекувале. На ова свое освојувачко патување Ханибал повел и единица составена од слонови, кои доживувале страшна голгота при поминувањето на Алпите. Замислете каква надреална слика е таа во која колона слонови потонува во снег.

Сепак, во циничната англосаксонска култура на шегобијство, слонот станал симбол на тромавост и на глупавост. Изреката – како слон во порцеланска продавница, е токму произлезена од ова безмилосно хумористично милје.

Но, сето тоа неодоливо нѐ потсетува на нашата опозиција, мислам на изреката – која недвојбено упатува на целата тромавост со која таа успеа да ги измести општествените хиерархии и хармонии, нарушувајќи го поредокот и создавајќи кризен амбиент, непријатен за сите. Секако, со сесрдна помош на таканаречениот „меѓународен фактор“, во улога на махут – или дресер на слонови. Слонови со издолжени и крајно нестабилни нозе, како тие што Салвадор Дали ги наслика како израз на својата поетизирана халуцинација, при која неможното станува можно, а вообичаеното чудовишно.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top