Во мое лично име, како главен и одговорен уредник и во име на неделникот Република најостро го осудувам физичкиот напад на новинарот на „Телма“ Павле Беловски кој беше нападнат на работно место за време на извршувањето на неговата професионална задача. Исто така би сакал да им честитам на припадниците на МВР за брзата интервенција и приведувањето на насилникот.
Во исто време, сакам да го потсетам и да го прашам техничкиот министер Оливер Спасовски до каде е истрагата за физичкиот напад врз фотографот на Република извршен на 16 септември годинава пред штабот на СДСМ од двајца партиски војници кои потоа се засолнија во истиот објект?
Господине Спасовски, колку време им треба на вашите „професионалци“ да ги откријат напаѓачите кои излегоа и се засолнија во вашиот партиски штаб?
Господине Спасовски, зарем се уште трагате по насилниците кои се скрија во истиот објект во кој вие влеговте неколку минути по инцидентот?
Господине Спасовски, дали вашата партија има намера да соработува со полицијата за откривање на напаѓачите и каде се снимките од камерите поставени на објектот? Ако вашата партија ги предала на полицијата, зошто до сега не е извршено идентификување на насилниците?
Господине Спасовски, како технички министер за внатрешни работи, но и како генерален секретар на партијата, имате професионална и морална обврска да го решите овој случај во најскоро време. Без разлика дали ви се допаѓа исходот или не, тие насилници мора да одговараат пред лицето на правдата, а вие немате никакво право да ги штитите!
Доколку и понатаму ја опструирате истрагата ќе ве сметаме како соучесник во инцидентот, а истовремено ќе бараме од вас политичка одговорност за свесно поттикнувње на насилство врз новинари и медиумски работници. Бидете свесни дека со прикривање на насилниците директно придонесувате за влошување на состојбата во медиумите во Македонија.
Господине Спасовски, поради сложената политичка ситуација во државата, со намера да придонесеме за намалување на тензиите, јас како уредник и неделникот Република, решивме уште самиот почеток јавно да не го експонираме инцидентот, од единствена причина да не се злоупотребува за дневно политички или за било какви други цели. Не плачевме по медиуми, не врескавме на социјалните мрежи, не плукавме по никого, не се заканувавме никому. Ги известивме сите релевантни институции и искрено сакавме да и дозволиме на полицијата со која вие управува(в)те да ја изврши својата задача. Се обидовме да се потпреме на Вашиот „професионализам“ и сметавме дека нема да Ви треба многу време да го решите случајот затоа што насилниците беа во ваша непосредна близина десетина минути по инцидентот. Сакавме да веруваме дека дојдовте во штабот на партијата за да го решите случајот, а не да го прикриете! Одлуката да не креваме прав во јавноста ја донесовме свесно, пред се поради опасноста тој настан да испровоцира нови насилства врз медиумските работници, сакајќи да придонесеме во смирување на страстите и ставање крај на кризата. Истовремено, морам да изразам длабоко разочарување од дел од медиумите и новинарските здруженија кои сега (оправдано) експресно го осудија нападот, а тогаш срамно го премолчеа инцидент во кој беше нападнат нашиот фотограф. Сепак, нивната одлука нека биде нивен срам.
Искрено се надевам дека во текот на овие педесетина дена кои ви преостануваат во извршувањето на функцијата технички министер ќе изразите воља да придонесете за подобрување на безбедноста на новинарите и медиумските работници и ќе покажете непристрасност во справувањето со насилниците без разлика на нивната партиска припадност.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.