| четврток, 6 декември 2018 |

Спасовски: За повик на бојкот ќе се оди во затвор

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во рамки на подготовките за одржување на референдумот денес соопшти дека полицијата е на висина на задачата да овозможи демократски гласачки амбиент. Тој најави казни за секаков обид за спречување на правото на глас.

– Македонија е слободна демократска земја со европски манири. Секаков вид на притисок, закана или уцена при чинот на гласањето ќе биде спречен и санкциониран согласно законите. Ова важи и за активностите на интернет. Секој обид за попречување на правото на глас ќе биде санкциониран – рече министерот Спасовски.

Тој потсети дека правото на глас е неприкосновено и нагласи дека тајноста на гласот е гарантирана.

– Институциите ќе гарантираат беспрекорно спроведување на референдумот на 30 септември. Секој граѓанин да гласа по сопствено убедување и по сопствена волја. Гласот на граѓаните одлучува за иднината на Македонија. Полицијата е на висина на задачата да овозможи демократски гласачки амбиент и слободно изразување на волјата на граѓаните – вели министерот Спасовски.

Референдумот на кој граѓаните треба да се изјаснат дали се за или против членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција ќе се одржи следниот викенд.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top