| четврток, 6 декември 2018 |

Ја турка ли СДСМ државата во меѓународен блам?

Алтернативниот план на Каменос како што го толкуваат дел од грчките медиуми содржи исполнување на геополитичките цели вклучени во преспанскиот договор без при тоа да се допре прашањето за името. Потпишувањето на договорите би било меѓу Грција, Бугарија, Албанија и Македонија, а подоцна би се вклучила и Србија. Според Каменос на тој начин би се спречило руското влијание на Балканот, би се зајакнала стабилноста на балканските земји меѓу кои и на Македонија, а во иднина ќе се решава за името на земјата

Иако референдумот во Република Македонија за прифаќање на договорот со Грција и промена на уставното име и Уставот на Република Македонија пропадна, бидејќи скоро 1,2 милиони гласачи неизлегувајќи или гласајќи против овој договор кажаа дека се против, власта се обидува институционално, преку Собранието да го имплементира истиот.

Додека во Македонија се прави сѐ од страна на власта да се протурка овој договор министерот за одбрана во Грција, вели дека мнозинството од граѓаните на Македонија се против овој договор и тој нема да се ратификува.

– Договорот од Преспа нема да се ратификува во Македонија, а референдумот во земјата покажал дека мнозинството од граѓаните не го поддржуваат, изјавил грчкиот министер за одбрана Панос Каменос, по средбата со американскиот државен секретар за одбрана, Џејмс Матис во Вашингтон.

Каменос наместо тоа, предложил потпишување меѓудржавни безбедносни договори, кои според него би придонеле кон поголема стабилност во регионот.

Алтернативниот план на Каменос како што го толкуваат дел од грчките медиуми содржи исполнување на геополитичките цели вклучени во преспанскиот договор без при тоа да се допре прашањето за името. Потпишувањето на договорите би било меѓу Грција, Бугарија, Албанија и Македонија, а подоцна би се вклучила и Србија. Според Каменос на тој начин би се спречило руското влијание на Балканот, би се зајакнала стабилноста на балканските земји меѓу кои и на Македонија, а во иднина ќе се решава за името на земјата.

– Сметам дека во рамки на оваа политика, следниот чекор ќе биде потпишување заеднички одбранбени договори, на ниво на меѓудржавни договори, што ќе помогнат во решавање на проблемите, но и суштински во градењето на енергетската политика на поширокиот регион – изјави Панос Каменос министер за одбрана на Грција.

Според многумина ова значи дека договорот со Грција веќе не важи ниту таму, дека тој е мртва работа.

Дека договорот може да не важи за Грција на Фејсбук напиша и сопругот на министерката за правда Рената Дескоска, универзитетскиот професор Тони Дескоски. кој вели дека поради неуспешниот референдум Грција секогаш ќе може правно засновано да одбие да го ратификува протоколот за пристапување на Македонија во НАТО.

– Денеска гласавме. И покрај сите полемики, моето мислење е дека прашањето беше кристално јасно. Кристално јасно е и дека на референдумот немаше доволен број на граѓани кои би се изјасниле на поставеното прашање. Сега, кога имаме неуспешен референдум , чувствувам потреба да укажам на една одредба од Преспанската спогодба, која во значителна мерка може да влијае на идните постапки. Имено, во чл. 2 став 4, точка б, алинеја ii (втора,трета и четврта реченица), изречно е пропишано дека поддршката на Грција за наше зачленување во НАТО е условено од исполнувањето на два кумулативни услови: прво, од исходот на референдумот (кој мора да е конзистентен со Спогодбата) и второ, усвојувањето на Уставните амандмани (четири на број). Тоа значи дека без исполнување на било кој од двата услови, Грција нема да има обврска да не поддржи за членство во НАТО. Тоа пак значи, дека дури и да ја ратификуваат Преспанската спогодба во нивниот парламент, ние ќе бидеме во нивна милост или немилост, за тоа дали ќе не пропуштат во НАТО. Грција секогаш ќе може да се повика на неуспешниот референдум, и совршено правно засновано да одбие да го ратификува протоколот за наше пристапување во НАТО. Тогаш, ниту Меѓународниот суд на правдата нема да пресуди за нас. Оттука, пред да се пристапи кон уставни измени, укажувам на опасноста со која се соочуваме, дури и ако амандманите бидат усвоени, напиша во завршувањето на референдумскиот ден на 30 септември, професорот Дескоски.

Од тука гласно се поставува прашањето зошто СДСМ толку се обидува да го протурка овој договор, кога тој можеби нема да помине кај другата страна, а Македонија најмалку кажано може да биде посрамотена во дипломатските кругови.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top