Барокизација е една од недоветните измислици на современата изгубена, и интелектуално, и морално, и тотално пропадната македонска опозиција. Со овој термин – „барокизација“ – интелектуалните трабанти, сместени во лукративните структури на разноразните платенички агентури, кои под плаштот на НВО- комплексот се намножија како гадинки во гнасен и запуштен простор на нивната идеополитичка автономија, освоена со подмолни, криминални стратегии и, секако, со парите добиени како плата за нивната субверзивна и предавничка работа против сопствената држава и народ, значи, со овој подбивнички неологизам, втерувачите на неолибарилистичката тиранија во светот и кај нас го опишуваат ретроградниот и анахрон пристап во архитектурата, со кој е вообличен веќе епохално контроверзниот проект, „Скопје 2014“. За овие непријатни и неуки, но крајно агресивни фигури, излезени од калта на опозициската голгота, „барокизација“ означува нешто безвредно во естетска смисла, кич, неактуелност и застареност.
Несвесни за глупостите и за лагите што ги изнесуваат кога дебатираат околу оваа проблематика на општествениот градителски дизајн, тие завлегуваат во јаросни екстреми, кои повеќе личат, а и тоа се, на политикантска пропаганда отколку на искрена и достоинствено втемелена критика во однос на актуелните состојби во македонската култура наспроти европската и светската историја на уметност, и, сходно на тоа, на архитектурата.
За овие псевдоинтелектуалци, поникнати со целата своја девијантност и исфрустрираност во едно крајно аутистичко и провинцијано милје во рамките на својата криминално-политичка, партиска догматичност, терминот „барокизација“, исто како и пред тоа, оној претходно означен како „антиквизација“, е само пејоратив, кој треба да ги означи речиси сите творечки напори на владејачките структури и оние на нив лојални творци во системот како безвредни и тривијални, преџвакани и здодевни креации, нешто што треба да не постои во ниедна варијанта зашто, наводно, не соодветствувале со современата реалност и, со самото тоа, го нагрдувале лицето на градот и ја брукале и деградирале достоинственоста на македонската култура.
Овие зборови – мантри, но крајно негативни и злонамерни, со кои опозициските јуришници на опозициската квазиинтелектуалност атакуваат на секој обид за подобрување на севкупниот културен живот во Македонија, само ги легитимираат нивните ужасни карактери, а уште повеќе од тоа го истакнуваат нивното ноторно незнаење и игнорантност по прашањата на виталните аспекти на европската и на светската цивилизација.
Инаку, никогаш не би си дозволиле вака да се брукаат на јавната сцена и да оставаат бројни сведоштва за својата приученост и недоученост зад себе, но и огромни количества злоба и омраза, кои, впрочем, се и главниот лајтмотив на нивната празна и пропадната општествена критика, а за онаа, уметничката, и да не говорам – тука се потполно загубени.
Изгледа нивните воспитувачи, предци и ментори не успеале подобро да ги едуцираат, но, најпосле, што да се очекува од бедниот светоглед на оваа дружина убијци и крадци. Зошто сета оваа злоба кај курентните опозициски структури, кои во минатото владееја повеќе од половина век со македонската општествена хиерархија, произлегува од отсуството на покајание (макар и во фројдистички, психоаналитички контекст, како чисто рационално самосоочување) и една потполна затвореност за моралното преиспитување за владеењето на сопствената политичка и идеолошка кауза. Затоа нема увид и преумување. Нема самокритика и прочистување, туку злобата и омразата остануваат како неизлечива болест со целата самобендисаност и суетност, кои со времето што минува се воспоставиле како еден вид култ во пеколните лавиринти на оваа, веќе историски верификувана заедница на криминогени генерации практиканти на пропаднатите утопии, на дистопиите, што насилно ги провлекуваат во својата опоганета и искривена свест, како надеж за ново преземање на власта, нешто за што нема никаква шанса ако се праша волјата на македонскиот народ.
Инаку, за разлика од нивните пространства, исполнети со грдотијата и едноличноста на архитектонскиот функционалистички брутализам, амбиент кој покренува на суицидални тенденции, разиграноста на класичните структури во постмодерната архитектонска визија додава малку хуманост и инвенција во убиениот урбан простор на промашените градители на историски пропаднатата тоталитаристичка дружина, наречена „Комуњарец“.
А што се однесува до периодот на барокот, кој ги изнедри најгенијалните ремек- дела во историјата на европската историја на уметност, дела чиишто автори се титани на креативноста, како Караваџо, Рубенс, Халс, Рембранд, Вермер, Веласкез и Гоја во сликарството, Бернини во архитектурата или Шекспир, Молијер или Сервантес во книжевноста, е само еден тотално непознат универзум за овие жалосни игноранти и затапени мизерници на маалските хистерии и злоби. Губитници, кои со својата ментална магла не се достојни да партиципираат, ниту во општествениот, а ниту, пак, во културниот живот на македонската држава.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.