Во прилепската населба Варош, дополнителниот заменик-министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, денеска заедно со градоначалникот Марјан Ристески го означи почетокот на градежните работи за адаптација и уредување простор во локалната месна заедница за потребите на пензионерите.
– Денеска почнуваат градежните работи за реконструкција и за адаптација на овој простор како Центар за пензионерите од Прилеп. Инвестицијата е целосно на Министерството за труд и социјална политика во износ од еден и пол милион денари. Од нив еден милион е за реновирање на просторот, а 500.000 денари се наменети за негово опремување. Очекувам овој простор да биде ставен во функција на крајот на оваа или во почетокот на наредната година – рече Спасов.
Додаде дека грижата што ја води Владата за пензионерите е сеопфатна.
– Покрај зголемувањето на пензиите доосега, а зголемувањето на просечната пензија е вкупно за 70 проценти, како и годинашново зголемување што ќе се реализира во декември за 5 проценти, Владата во соработка со единиците на локалната самоуправа реализира и други проекти со цел континуирано подобрување на животот на пензионерите. Тука е изградбата на приватни домови за стари лица, државен дом за старите лица кој го најавивме и секако, отворањето на повеќе дневни центри за пензионери каде тие ќе може да се дружат и а го поминуваат своето време, а Сојузот на пензионерите да одржува состаноци – истакна Спасов
Според прилепскиот градоначалник Марјан Ристески желбата била Здружението на пензионери да има свое катче во населбата Варош.
– Се инвестира во старата зграда на локалната заедница на најстарата прилепска населба Варош. Се реконструираат просториите од првиот кат и пензионерите ќе имаат свое катче. Заедно со здружението во прилеп имаме отворено уште четири вакви канцеларии за потребите на пензионерите, што значи сите поголеми прилепски населби имаат пензионерски клубови. Покрај овој простор во Варош, до крајот на годината треба да се адаптира уште еден во старата населба Корзо за потребите на пензионерите – потенцира Ристески.
Кирил Џалиески, претседател на прилепското Здружение на пензионери, истакна дека ова е 11. пензионерски клуб во трите општини од кои има членови во здружението.
– За да работи едно Здружение треба да има свои простории. А една од целите е отворањето клубови. Такви простории последниве години имаме отворено повеќе, благодарение на соработката што ја имаме со прилепската локална самоуправа. Во Прилеп се отворени четири простори за пензионерите, а пензионерски простор имаме и во општините Долнени и кривогаштани во соработка со тие локални самоуправи – рече Џалиески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.