Кошаркарите на МЗТ Скопје очекуваа да стават крај на резултатската криза во регионалната АБА лига на натпреварот против Задар, но во Скопје се враќаат со еден бод помалку од посакуваното. Уште една победа му беше на дофат на македонскиот шампион, но „металците“ останаа со празни раце, петти пат по ред во тековната сезона од Јадранското натпреварување.
Тренерот на МЗТ Скопје, Александар Јончевски поразот го припишува на згуснатиот распоред како и скратената клупа на македонскиот актуелен првак.
– Кошаркарите на Задар играа многу агресивно, а ние не им париравме адекватно во некои сегменти од играта. Доаѓањето на Рамљак се покажа како одличен потег на Задар бидејќи веднаш покажа дека е одлично засилување. Имавме одредени делови во играта со кои можам да бидам задоволен, делумно, но напорно ни беше патувањето во Литванија во комбинација со некои повреди кои нè следат од почетокот на сезоната. Сега имаме неколку денови да се посветиме на тренинзите и се надевам дека тоа ќе ни помогне да се вратиме на победничките патеки – истакна Јончевски.
Јуре Лалиќ кој со 19 поени и 12 скокови беше најефикасен во редовите на МЗТ Скопје вели дека тој и неговите соиграчи останале без енергија во финишот поради што Задар успеа повторно да ја зголеми разликата.
– Не одигравме добар натпревар и Задар заслужено победи. Влеговме во грч на почетокот и Задар лесно се одлепи резултатски. Ние повторно се враќавме и дури стигнавме и до водство во второто полувреме, но тогаш не ја искористивме психолошката предност и му дозволивме на Задар повторно да се одлепи со неколку лесни кошеви. Имаа повеќе енергија од нас и покажаа поголем борбеност така да бодовите им се заслужени – самокритичен е центарот на „металците“.
Нареден натпревар на распоредот на македонскиот шампион е за шест дена (23. октомври), кога во своето гнездо ќе го нагостат вториот македонски учесник во АБА лигата, Карпош соколи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.