Со премиера на претставата „Бегај, еве ја жена ти (Па не баш)“ во режија на Коле Ангеловски, ансамблот на Кумановскиот театар вчеравечер во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово го затвори 19. Меѓународен фестивал „Денови на комедија 2016“. Глумците одлично ја играа преставата, публиката се забавуваше, се смееше, тоа е целта и на претставата и на Деновите на комедијата. Некако стана традиција со моите претстави Кумановскиот театар да ги затвора Деновите на комедијата, изјави режисерот Ангеловски. Тој очекува позитивни реакции од публиката и во наредните недели бидејќи автор на комедијата е Реј Куни, за кого Ангеловски рече дека е извонреден мајстор за комедии на ситуации и дека и првата комедија „Бегај, еве ја жена ти“, која беше направена за Кумановскиот театар, беше најгледана престава досега. Се надевам и очекувам дека и оваа ќе биде една од најгледаните престави. Досега веќе четири репризи се распродадени, додаде Ангеловски. Актерките Кети ДончевскаИлиќ и Александра Михајловска изјавија дека се презадоволни од реакциите на публиката и очекуваат преставата долго да се игра во Кумановскиот театар. Покрај нив во комедијата играат и Горан Илиќ, Дубравка Киселички, Владо Дојчиновски, Илија Струмениковски и Давид Илиќ. На годинашнов фестивал, од 1. до 15 октомври, кумановци имаа можност да погледаат тринаесет комедии, од кои девет од Македонија и четири од соседните држави. Фестивалот го организира НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ со поддршка на Министерството за култура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.