Вечерва во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија ќе биде отворена изложба на дела од Борислав Траиковски. Благодарејќи на соработката со Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј од Штип и поддршката од Министерството за култура , првпат публиката во Софија ќе може да види дела од опусот на големиот македонски сликар. Изложбата, која ќе биде поставена до 28 октомври, вечерва ќе ја отворат Васко Шутаров и Зоран Читкушев, директори на двете институции, организатори на настанот.
Борислав Траиковски (1917-1996) е сликар и педагог кој се вбројува меѓу првите дипломирани ликовни уметници во Р. Македонија. Основното и средното образование го завршил во родниот крај, а во 1951 г. дипломирал на уметничката академијата во Белград. Заедно со Корубин и Лозановски бил еден од првите македонски студенти што во 1951 година дипломирале на Академијата за ликовни уметности во Белград. Забележано е дека за време на студиите бил во различна класа на професори, поради што честопати доаѓал и во конфликт, во однос на слободата на изразот и начинот на сликање со Ѓорѓе Андреевиќ-Кун, Љубица Сокиќ, Коста Хакман, Иван Табаковиќ и др. Како член на ДЛУМ, бил на студиско патување во Италија, а како стипендист, и на студиски престој во Париз во 1961 година. Траиковски се смета за еден од основоположниците на современиот ликовен живот во Македонија, бил прв претседател на ДЛУБ и најзначаен член на групата ВДИСТ.
Има остварено многубројни самостојни и групни изложби во Македонија (Битола, Прилеп, Скопје, Струга) и странство (Белград, Загреб, Лондон, Братфорд, Ферара, Париз). Дел од делата од неговото творештво се влезени во многубројни приватни колекции, а друг дел се наоѓа во музејски колекции во Македонија и надвор од неа. Целиот свој живот и работен век го минал во Битола. За уметничките постигања има добиено државнинагради и награди на Општина Битола.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.