Една од најголемите експерти за трансплантација на матични клетки во Германија и Европа е професорката д-р Надежда Басара, за која знае цел свет и говори за нејзините успеси во лекувањето на тешко заболени пациенти. Д-р Басара моментно е директор во болницата „Malteser St. Franziskus“ во германскиот град Фленсбург.
Пред 17 години од Србија отишла во Германија без познавање на германскиот јазик, но тоа не и претставувало пречка да го научи и истовремено да изгради кариера, да стане доцент, и како прва докторка од југоисточна Европа која не е родена и школувана во Германија, а станала професор по медицина, пишува весникот Вечер.
Пет години била на чело на трансплантациониот центар во Универзитетската клиника во Лајпциг. Благодарение на д-р Басара овој центар по резултатите на лекување на леукемијата и по бројот на реализирани трансплантации е на прво место во Европа. Оваа силна жена вели дека енергијата ја црпи од љубовта кон медицината, луѓето, работата и семејството.
Меѓу пациентите што ги лекувала д-р Басара има и голем број граѓани од регионот, Србија, Македонија, Црна Гора, а јавноста ја знае и по успешното лекување на тешко заболениот од апластична анемија Жељко Митровиќ, сопственикот на Пинк телевизија, како и познатиот српски водител во РТС, Дејан Деки Пантелиќ, кој исто така го излекувала од тумор на крајници. Пантелиќ во едно свое интервју посочил дека во моментите кога се лекувал во Германија и кога му било многу тешко, д-р Басара го охрабрила со зборовите: “Дејане, кај мене луѓето не умираат”.
Професорке др Басара, успесите се големи, но како дојдовте до нив. Како од лекар во Србија, станавте врвен специјалист хематолог и онколог во Германија
– Патот не беше нималку лесен. Таа пресвртна 1997 имав 39 години, добар брак, две прекрасни деца и сопруг кој ме поддржува секогаш во животот. Со завршена медицина, магистратура, докторат специјализација во Белград, работев како началник на функционална дијагностика на Институтот за хематологија на Клиничкиот центар во Србија. Додека директор беше проф. др Роловиќ, Центарот зрачеше со знаење и напредок. Се до 1994 значевме нешто во Европа. Со неговото заминување во пензија настана голем пресврт за мене, бидејќи новата директорка немаше никаква визија ни интерес за напредок на Институтот и ги гледаше само своите лични интереси. Во договор со сопругот одбив две покани од Париз и ја прифатив поканата на проф. Фаусер од Германија. Јас заминав прва, а нешто подоцна ми се придружија сопругот и децата. Таму бев буквално фрлена во оган, работев со најтешките хематолошки пациенти и дополнително ме поставија како најодговорно лице пред германскиот закон за лекови во производство на трансплантанти и криоконзервирање на матични клетки. Многу брзо станав началник на хематологија и онкологија. За сето тоа време го учев германскиот јазик (во почетокот комуницирав само на англиски и француски јазик), учев за нострификација на дипломата, специјализирав интерна медицина, хематологија и онкологија, пишував научни трудови, како доцент со нострифицирана титула доктор на науки држев вежби и предавања на студентите во Мајнц и им држев вежби по дијагностика на колегите од работа. На Универзитетот во Мајнц бев предложена за професор по медицина, а титулата ја добив по моето преминување на Универзитетската клиника во Лајпциг каде што бев поканета да бидам главен началник на хематологија и онкологија. Таму го водев и центарот за трансплантација на матични клетки како и производството на трансплантанти на матични клетки и нивно криоконзервирање. Набрзо избивме на прво место во Германија по број и успешност на трансплантации, а Европското друштво на трансплантатори ме назначи за главен инспектор на трансплантационите центри во Европа. Гледајќи ги моите успеси на сите полиња во хематологијата и онкологијата, Малтешкиот ред на Германија ме покани за директор на интерна медицина во нивната болница во Фленсбург, што и прифатив пред 4 години.
Целото интервју со докоторката може да погледнете тука.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Oбраќање до хулиганите: Прашајте се колку болни деца би дале сè за вашето здравје, кое вие го трошите од бес!
-
Згодната докторка на Спартак Москва со забрана до фудбалерите: Нема секс три дена пред натпревар
-
Убиство или самоубиство: Обвинителството бара нови докази за смртта на докторката Јелка Спасовска Масин
-
Погребот на докторката денеска: Ќе ја погребаме, а не знаеме како почина