| четврток, 6 декември 2018 |

МЗТ запиша нов пораз, и повторно со повеќе од 20 поени разлика

mzt

МЗТ Скопје во третото коло од АБА-лигата го претрпе и третиот пораз, губејќи на гостувањето во Загреб против Цедевита со резултат 61-82. За разлика од претходните два меча, овојпат „металците“ дури и без помошта на Лалиќ и Дреновац се прикажаа во далеку подобро светло, но немаа сили за чудо против актуелниот првак на Хрватска. На половина од последната четвртина МЗТ се спушти на само шест поени негатива, но неколкуте грешки во нападот придонесоа и третиот пораз на „металците“ да изнесува над 20 поени разлика 82-61 (25-18, 13-14, 18-16, 26-13).

Ниту гостувањето во Загреб не донесе ништо ново во поглед на играта и резултатот за нашиот првак кој го тресе сериозна криза од која не се гледа засега простор за излез.

mzt-1

Хрватскиот шампион во мечот влезе со предност од 5-0, за да МЗТ Скопје по три минути игра направи пресврт и првпат на мечот со поените на Клоф поведе со 6-8. Во меѓувреме следеше нова смена на водството во полза на Цедевита, но Клоф во средината на првата четвртина донесе ново водство за „штрковите“ (13-15). Во последните четири минути од првата четвртина избраниците на Рајковиќ дадоа само три поени, па така Цедевита замина со предност од 25-18.

mzt-3

Ниту втората четвртина не донесе поразлична игра. Кризата беше очигледна со оглед на тоа дека на „металците“ им требаа цели шест минути да реализираат поени од игра. Хопсон и Араповиќ со неколку соло-акции и донесоа ’плус осум’ на Цедевита (29-21), а зоната им направи сериозни проблеми на „штрковите“. Клоф продолжи со себична игра што резултираше со лесно изгубени топки кои на спротивната страна Бабиќ лесно им ги споделуваше на своите соиграчи. До полувремето МЗТ се доближи на ’минус шест’ (38-32).

Стартот на второто полувреме за Цедевита донесе нова двоцифрена предност, откако Хопсон погоди за 44-34. Во средината на третата четвртина првакот на Хрватска поведе и со највисоки до тој момент +16 (50-34). Избраниците на Рајковиќ во продолжение ги консолидираа редовите, па така до паузата во пресрет на последните десет минути ја преполовија негативата (56-48).

Металците“ продолжија со добрата игра и во последните десет минути намалија на -6 (61-55) со тројката на Томас кој во следните три напади избрза и пропушти шанса разликата да биде дополнително намалена. Брзоплетите завршени напади на МЗТ ги искорисија домаќините кои преку контри и полуконтри поведоа со солидни +12 (69-57) на три минути пред крајот на мечот. Финишот на мечот беше тотално фијаско за МЗТ Скопје кој на крај беше поразен од Цедевита дури со +21 кош разлика.

mzt-2

Шарлон Клоф со 16 поени беше најефикасен поединец во тимот на МЗТ Скопје, а еден поен помалку постигна Симоновски кој мечот ги заврши со 15 поени. Во победничката екипа на Цедевита прв поентер беше Миро Билан со 21 поен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top