Во рамките на посетата на Соединетите Американски Држави делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во Вашингтон оствари повеќе средби со конгресмени, сенатори и луѓе од јавниот и политичкиот живот на САД.
Партиската делегација во чијшто состав се пратениците Александар Николоски и Владимир Ѓорчев во американскиот конгрес оствари средба со конгресменот Кристофер Смит. На средбата беше разговарано за актуелната политичка состојба, за состојбата со мигрантите како и стратешката определба на државата за членство во НАТО.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ги образложи приоритетите на Република Македонија во насока на нејзино целосно интегрирање во НАТО алијансата. Стана збор и за престојните избори како единствен излез од наметната политичка криза.
Конгресменот Кристофер Смит изрази силна поддршка на Република Македонија и на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во справувањето со предизвиците и реализација на стратешките интереси за интегрирање во НАТО.
–Цврсто сум уверен дека Македонија веднаш треба да стане членка на НАТО. Со сигурност ги исполни критериумите, со извонредно лидерство на Груевски. Имав многу добар состанок разговарајќи за овие прашања, и мислам дека државата ќе биде додадена вредност во алијансата, лојален партнер и пријател. Државата треба да стане членка што поскоро и следниот претседател на САД ова прашање треба да го стави во приоритетите.
Осврнувајќи се на работата на Груевски Смит истакна дека е импресиониран од неговото лидерство и посветеноста кон градење демократско општество.
-Тој е човек кој сака да ѝ донесе на државата подобра иднина, при што има зад себе има и добри резултати, и е посветен кон градење на демократско општество.
Во однос на изборите што престојат во Македонија, Смит се надева дека резултатот ќе биде одраз на волјата на граѓаните.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.