| четврток, 6 декември 2018 |

Ангеловски го скрои составот, Пандев и Несторовски ќе бидат закана по голот на Израелците

makedonija-fudbal

Македонскиот селектор Игор Ангеловски со офанзивецот на италијанскиот Палермо, Илија Несторовски ќе го стартува денешниот натпревар против Израел во квалификациите за СП 2018 кој од 20:45 часот го играме на националната арена „Филип Втори“ во Скопје.

По несреќниот пораз од Албанија на стартот од квалификациите, огромна е желбата во македонските редови да се дојде до позитивен резултат проти Израелците, како начин за ново враќање на позитивниот дух во националниот тим.

Не менувајќи ја формацијата од првиот дуел со Албанија (3-5-2), Ангеловски овој пат во првите напаѓачки редови, покрај капитенот Горан Пандев, ќе го смести и Несторовски, кој во новата сезона игра во одлична гол-форма во редовите на Палермо. Токму поради тоа, пак, Езгијан Алиоски сега ќе дејствува нешто порезервирано во офанзивниот среден ред заедно со Ферхан Хасани. По десната страна стандардно ќе биде Стефан Ристовски, а лево Леонард Жута, заедно со уште Милован Петровиќ на средината.

stadion

Во однос на дуелот со Албанците, промена ќе има и меѓу тројката централни дефанзивци. Покрај Даниел Мојсов и Кире Ристевски, сега се очекува да биде младинскиот репрезентативец Дарко Велковски, кој дополнително влета меѓу сениорите. Велковски доаѓа како замена за Ванче Шиков кој, поради повреда, нема да може да настапи.

Промена ќе има и на голманската позиција каде сега од првата минута треба да биде Мартин Богатинов, место Костадин Захов кој бранеше против Албанија во Скадар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top