Бројот на кандидати за Нобелова награда за мир одеднаш се прошири откако колумбиските избирачи ненадејно го отфрлија историскиот мировен договор со кој требаше да биде завршен најдолгиот судир во Латинска Америка.
Досега се сметаше дека годинава однапред се знаеше кој ќе биде лауреатот. Но само неколку дена пред објавувањето, Колумбијците не го прифатија мировниот договор меѓу влaдата и бунтовниците од Револуционерните вооружени сили на Колумбија за ставање крај на војнаа во која загинале најмалку 260.000 луѓе, 45.000 се водат како исчезнати, а 6,9 милиони лица се раселени. Дотогаш претседателот Хуан Мануел Сантос и командантот на левичарските герилци Родриго Лондонo Ечевери, наречен Тимоченко (Тимошено), беа сигурни фаворити за престижното признание.
Доколку Нобеловиот комитет веќе решил наградата да им ја даде на Колумбијците, сега, веројатно, во последен момент бара замена, сметаат аналитичарите што секоја година прават прогнози бидејќи, според правилата, имињата на номинираните кандидати за Нобеловата награди може да бидат објавени дури по 50 години.Некои сметаат дека наградата ќе замине кај преговарачите за нуклеарниот договор меѓу светските сили и Иран, кој беше потпишан во 2015 година и со кој се запрени стравувањата дека Техеран развива нуклеарно оружје, а беа укинати меѓународните санкции воведени уште во 2006 година.
Доколку е во право, Нобеловата награда за мир би требало да поделат американскиот министер за енергетика Ернест Мониз и челникот на иранската организација за атомска енергија ал-Акбар Салехи.
Како други потенцијални добитници се споменуваат сириската волонтерска спасувачка организација „Бели шлемови“, за која, инаку, официјален Дамас смета дека е блиска со некои екстремни исламистички групации, жителите на грчите острови кои им помагаат на очајните бегалци што стигнуваат на нивните брегови, лекарот од Конго Денис Муквеге поради неговата работа со илјадниците силувани жртви на војната, Едвард Сноуден, кој го обелодени масивното следење на електронските комуникации на милиони луѓе во светот од страна на американската Агенција за национална безбедност и архитектите на климатскиот договор ЦОП 21.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.