| четврток, 6 декември 2018 |

Правдата го стигна гинекологот-митаџија: Марјан Стојовски две години ќе мине зад решетки

Гинекологот Марјан Стојовски, кој беше директор на Клиниката за гинекологија и акушерство во времето на СДСМ и раководител на операционите сали, осуден е на две години затвор за примање поткуп и изречена му е забрана за вршење на професијата во траење од една година од денот на правосилноста на пресудата со тоа што времето поминато во затвор не се засметува во времето на нејзиното траење

marjan-stojovski-copy

По шест години талкање на предметот низ судските ходници и фиоки и три пресуди конечно гинекологот Марјан Стојовски ќе заврши зад решетки. Оваа пресуда, трета за случајот од 2010 година кога Стојовски беше уапсен под сомнение дека примил 120.000 денари мито, доаѓа откако првостепената пресуда, затворска казна од две години, одбраната ја обжали, а Апелација ја надгради со дополнителна една одина забрана за вршење дејност.

Но и оваа одлука адвокатите на Стојовски ја обжалија пред врховните судии, кои пак, случајот го вратија во првостепена постапка. Основниот суд Скопје 1 – Скопје во декември 2014 година го осуди  на казна затвор во траење од две години, како и казна забрана на вршење на дејност во траење од една година, но времето минато зад решетки не се смета во таа тазна. Одбраната на Стојовски ја обжали и оваа одлука на првостепениот суд пред Апелација, за конечно на  13 јули 2016 година Апелацискиот суд во Скопје да ги отфрли жалбите на Марјан Стојовски како неосновани и да ја потврди казната изречена од Основниот суд Скопје 1 – Скопје од 19 декември 2014 година, со која освен што му е изречена двегодишна казна затвор, на скопскиот гинеколог ми се изрекува и забрана за вршење на дејноста во траење од една година.

Стојовски, кој беше уапсен во 2010 година, како хирург-гинеколог во Клиниката за гинекологија и акушерство во неколку наврати од лице од Кичево побарал и примил 120 илјади денари за да ја оперира неговата сопруга, иако тоа му е обврска во рамки на работните задачи. Оштетениот во текот на минатата и оваа година ја носел сопругата на прегледи кај пријавениот, при што била констатирана дијагноза тумор на матка и требало да и се изврши хируршка интервенција.

Гинекологот ги известил пациентката и нејзиниот сопруг дека нејзината здравствена состојба е загрижувачка и се влошува, поради што е неопходна операција што е можно поитно, а за неа требало да платат 80 илјади денари, износ што подоцна го зголемил на 120 илјади денари.

Осомничениот хирург барал парите за хируршката интервенција да му ги дадат лично нему, а тој наводно ќе ја направел потребната уплата на сметка на клиниката.

Сопругот на пациентката го пријавил случајот на 24 април 2010 година во Министерството за внатрешни работи по што се преземани мерки и активности за обезбедување докази за откривање на случајот и документирање на кривичното дело.

Откако претходно банкнотите биле технички биле обработени, сопругот на болната жена во три наврата од по 40 илјади денари му ги предал парите, што било документирано. Обележани пари биле најдени во канцеларијата на Стојовски, веднаш по средбата со човекот кој плаќал за операција на неговата сопруга. Биле пронајдени и 7.000 денари за кои постои сомнение дека се од претходните рати кои му биле исплатени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top