„Ол инклузив“ пакет-аранжмани на Мајорка за 544 долари неделно и нуркање во Доминиканската Република за 987 евра можеби одговараат за “обичниот” Германец кој планира годишен одмор, но политичарите ретко ги користат предностите на паушалните туристички понуди. Германското економско списание “Manager Magazine” истражило колку најмоќните државници издвојуваат за летување. Станува збор во главно за износи во десетина илјади, а исклучок е германската канцеларка Ангела Меркел.
Ангела Меркел
Германската канцеларка Ангела Меркел и нејзиниот сопруг Јоахим Зауер редовно летуваат во планинското село Зулден, во Јужен Тирол, каде уживаат во своето омилено хоби – планинарењето.
Жителите на селото велат дека професор Зауер обожава да суви колбаси, кои се јужнотиролски специјалитет и со кои редовно се снабдува кога ќе дојдат на одмор.
Ноќевање и полупансион во хотелот со четири ѕвезди “Marlet”, каде веќе со години престојуваат, чинат 1.400 евра неделно за две лица.
Барак Обама
Семејството Обама летува на островот Мартас Винјард, на брегот на Масачусетс. Островот е популарно летувалиште за политичари, бизнисмени и милионери. Изнајмување на куќичка со две соби во селото Чилмарк чини најмалку 2.900 долари неделно, а кои сакаат повеќе простор и соба со поглед на Атлантикот, плаќаат и до 20.000 долари неделно.
Луѓето блиски до американскиот претседател проценуваат дека за одморот, кој го плаќа од сопствениот џеб, неделно издвојува помеѓу 35.000 и 50.000 долари. На ова треба да се додадат и трошоците за сместување на припадниците на обезбедувањето и летот, кои се плаќаат од државна каса.
Кога семејството Обама патува на Хаваите, одморот ги чини повеќе. 17-дневниот одмор на првото семејство во САД во 2012. година чинел 120.000 долари, што предизвикало незадоволство меѓу американските гласачи.
Франсоа Оланд
Францускиот претседател Франсоа Оланд оваа година летувал во Гард-Френе, село со 1.800 жители на Азурниот брег, каде ноќевање во хотел со 4 ѕвезди чини помеѓу 200 и 350 евра. Капацитетите, меѓутоа, не се големи, па Оланд продолжениот викенд го минал кај својот пријател, бизнисменот Венсан Болор, каде на 12. август со своите 4 деца го прославил роденденот.
Минатите години Оланд драстично го намалил годишниот одмор. Во 2012. година, неколку месеци пред да биде избран за претседател, тој јавно кажал дека ќе оди на одмор 2 седмици, поради што бил критикуван. Оваа година минал речиси незабележително.
Дејвид Камерон
Семејството Камерон летувало во местото Порто Векио, на францускиот остров Корзика. Додека како премиер често патувал со евтини авио-компании, овој пат си дозволил одмор кој го чинел 17.400 евра. Британските весници како Telegraph дури и го фотографирале во шорц за капење, кој наводно го чинел 250 евра.
Џастин Трудо
Канадскиот премиер летувал во својата земја. Местото Тофино, на брегот на Пацификот, е најпознато меѓу љубителите на китови, кои таму одат да ги гледаат.
Цената на една викендичка во лето, за една ноќ изнесува 547 евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.