Земјотресот од пред неполни две недели ги освести сите, барем за момент. Политиката падна на нула, голиот живот беше во прашање. Како да се повторуваше 1963 година и оној веќе митологизиран катастрофален земјотрес, кој однесе многу животи, го разруши градот и создаде една огромна траума со историски пропорции кај граѓаните на Скопје.
Сѐ уште се бројни луѓето што го доживеале скопскиот земјотрес од 1963 година и кои многу добро знаат какви стравотни последици остава ваквиот тип прокоба врз целокупниот живот. Затоа реакцијата на овој најнов, но, секако, сериозен потрес беше констернирачка. Стравот завладеа со душите на скопјани, посилно, отколку во многу други заканувачки и застрашувачки ситуации, кои ги имаше многу во децениите што изминаа. Но, од оваа екстремна параноична состојба, која сѐ уште не ги напуштила повеќето граѓани, може да се научи многу ако се има доволно присебност, свест и, секако, сила за интроспекција.
Откако видовме дека ништо страшно не се случи, иако за момент, во тие дваесеттина секунди, изгледаше дека на повидок е нова катастрофа за градот и за неговите жители, сите почнавме да се соочуваме со реалноста.
Значи, ова не беше божја казна, како што велат старите и мудри проследувачи на животот, туку само едно жестоко предупредување од страна на провидението, со цел да нѐ отрезни и разбуди од нашите идиотски илузии на секој план, пред сѐ, на планот на ѕверското сензибилизирање на народот од блефовите и глупостите на дневната политика.
Одеднаш, сите тие рекетари и уценувачи, крадци и убијци, лажливци и манипулатори, без оглед на тоа дали доаѓаат од домашната, или, пак, од меѓународната провиниенција, сите тие полубогови и кумири пропаднаа во секунда, нивниот авторитет, кој пред потресот го малтретираше македонското општество со месеци и години, уценувајќи, заканувајќи се, со сите можни криминални стратегии и тактики, одеднаш станаа никој и ништо, тигри од хартија, мизерници и инсекти, кои во секунда можат да бидат смачкани како гнили круши, исчистени од лицето на светот како никогаш и да не постоеле.
Нивните гаранции и ветувања се прав која не значи ништо. Нивната моќ, која пред ова божјо предупредување ги застрашуваше повеќето граѓани на Македонија и на Скопје, и ги тераше како стадо овци, сосе нивните исплашени лидери (исплашени за народот и за државата) во самоубиствени и идиотски насоки, одеднаш изгуби секакво значење и сериозност, а протагонистите на стравовладеењето ги сведе на мали, ситни, исплашени глувци, растрчани безглаво во несовладливата паника.
Значи, тоа биле тие силни и незаобиколиви играчи на меѓународната сцена, тие страшни егзекутори на големата и безмилосна машинерија на новиот светски поредок – мали, обични, сиви врапчиња, кои престрашено летаат во некоординирано безглаво бегство за да ги спасат своите ситни, безвредни животи.
Ете, силниот потрес ги демаскира, ги соголи, ни ги покажа онакви, какви се – ситни и бедни јадници што врескаат за спас.
И, како сега, тие немоќни кукавици ќе владеат понатаму? Достојни се за сожалување. Целиот нивен настап е блеф, кој треба да ги измами наивните и глупавите, и така да им ја наметне сопствената волја, со цел да им ја исцица крвта и да им ја исцеди маста.
Но, потресот ги сотре, ја сроза нивната вешта илузија (која за разбудените и мислечките, нити е вешта, нити е илузија) и ги покажа овие наконтени фазани во целата нивна немоќ, гротеска и карикатуралност. Да им дадеме шеќер и вода за да се приберат малку? Да ги утешиме или, пак, подвргнеме на психијатриски третман? Во Скопје има многу извонредни психијатри, кои можат да им помогнат, а нивните сеанси се значително поевтини од оние на супер скапите шринкови, кои ги чекаат во нивните матични општества, таму далеку, преку големата бара или зад алпскиот планински масив.
Во секој случај, ова сурово будење, гледано од дистанца, беше и повеќе од добредојдено.
Најпрво, ги видовме приоритетите на животот. Се потсетивме дека треба да се плашиме само од гневот на севишниот, Кој, пред сѐ, доаѓа од нашата паднатост со духот, од нашата алчност и аморалност, од нашата злоба, од измамата и самоизмамата, и од нашиот кукавичлук.
Сега, семоќниот Бог ни ги покажа сите наши глупости и стравови. Време е за будење и дејствување, исполнето со љубов и со храброст.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.