Младата македонска фудбалска репрезентација за играчи до 17 години е поразена од Словенија во пријателски контролен натпревар.
На средбата одиграна попладнево на тренинг центарот „Петар Милошевски” во рамки на комплексот „Куќа на фудбалот”, младите македонските фудбалери загубија од нивните врсници од Словенија минимално со 0-1.
Во првото полувреме противникот делуваше многу подобро на теренот, посигурно и покрај погодокот пропушти неколку изгледни прилики. Голот за Словенија го постигна Алмин Куртовиќ во 17. минута.
Во продолжението од средбата, нашата млада репрезентација предводена од Добринко Илиевски ги консолидираше своите редови, сепак недоволно за промена на резултат. Најдобрата прилика во нашиот табор ја имаше Дарко Чурлинов. До крајот на средбата Македонија пропушти уште една добра прилика преку нововлезениот Кире Трпчевски, но резултатот остана непроменет.
Потсетување дека првиот пријателски дуел на овие две селекции одигран пред два дена заврши без победник 2-2.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.