Вечер (21 септември, 18,30) во Културно-информативниот Центар на Р. Македонија во Софија ќе биде отворена проектната изложба “Љубов меѓу мајка и син” од Дороти Пачкова. Во присуство на авторката, изложбата ќе ја отвори директорот на Центарот Васко Шутаров, а проектот е дел од Годишната програма на Центарот, финаниски помогнат од Министерството за култура.
Дороти Пачкова за прв пат се претставува пред публиката во Софија со своја самостојна изложба. До сега има реализирано седум самостојни изложби од кои четири биле во нејзиниот роден град, Скопје- во просториите на „Центар за Современи Уметности”, “Галерија Ко-ра” и Кинотека на Македонија. Самостојно изложувала во Прилеп- во НУЦК „Марко Цепенков” и во Берлин- во галеријата „Прима Центар – Берлин“.Свои перформанси има претставено во Македонија во Скопје, Битола, Валандово, Струга и Прилеп, во Србија во Ниш и Сичево. Учествувала на групни изложби во Македонија (Скопје, Битола, Валандово, Струмица), Италија (Торино) и Албанија (Јале). Има многубројни работни ангажмани, учества во работилници и тренинг програми, и филмови („Збогум Македонија – Бонжур Париз„The War is Over”, „Панкот не е мртов” и „Бездомни”).
Проектот “Љубов меѓу мајка и син” е колаборација помеѓу мајка уметница и нејзиното дете. Проектот нуди интерактивна можност за сите посетители родители и нивните деца, на лице место да можат да нацртаат, насликаат, искреираат нешто заедно, нешто кое би ги ослободило од формалноста на создавањето и наметнатиот притисок на односите родители – деца, “вака треба – вака не треба!”.
Главната цел на овој колаборативен проект е да се даде даде можност на дечињата и родителите заедно низ уметност да градат животни ставови и меѓусебно да функционираат без при тоа да се задушуваат едни со други.
“Уметноста секој може и треба да ја искусува и исползува како сретство за себефилтрирање, а посебно е корисна во изградба на децата како конструктивни поединци, но и на родителите па взаемно ќе учиме да откриваме нови процеси, пориви и поттици за истражување, проучување и уметникување во рамките на нашите можности и способности. Оваа интерактивна изложба би не навела на размисли за нови и поефективни начини на родителствување но и на уметникување и со ова би удриле темели за поемпатични, поконструктивни и секако покреативни идни генерации кои би биле отворени да работат на себе си и својата околина.” –Дороти Пачкова
Дороти Пачкова е родена 1985 г. во Скопје. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на Катедрата по сликарство – насока графички дизајн, во класата на проф. Жанета Вангели. Од 2014 г. е магистрант на Институтот за општествени и хуманистички науки во Скопје на насока за Родови студии под менторство на Катерина Колозова.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.