Моторно масло се излеа од канализација на топилница и заврши во водите на Вардар кај Велес. Ова за порталот „Дума“ го потврди општинскиот еколошки инспектор Билјана Шуркова – Манаскова, која вели дека се трага по сторителот.
– Во текот на вчерашниот ден е забележано дека се излеало масло од каналот што води до канализацијата на топилницата, која одамна прави проблеми и на која до денес се приклучува кој ќе стигне. Заедно со екипи на ЈКП „Дервен“ цел ден работевме на терен, земавме примероци и иако тешко оди откривањето на сторителот, сепак, се работи на тоа. Очекуваме да се вклучи и Државниот инспекторат за животна средина – рече Шуркова Манаскова.
Според неа се работи за материја од минерално потекло, која не се знае во колкави количини се излеала во реката, но вели дека, сепак, и во помали количини може да биде опасна за животната средина.
Инаку пред два месеца се излеа масло во реката, за кое подоцна се утврди дека е со потекло од фабриката за масло „Благој Ѓорев“. Инспекторатот покрена процедура за казнување на загадувачот, кој се соочува со казна до 70.000 евра. На овие инциденти реагираа екологистите, кои сметаат дека државните институции мора да ја засилат контролата, јавно да обелоденат што ќе се случи со загадувачите и за нив да следуваат најригорозни казни
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



