Македонската кошаркарска репрезентација со нов пораз во последното коло ги заврши квалификациите за Европското првенство. Шансите за пласман оддамна беа загубени особено по поразот од Велика Британија во минатото коло на домашен терен, па поразот од Унгарија на гости воопшто не го поправи впечатокот за играта на „црвено-жолтите“ момчиња во овој циклус.
Унгарија иако настапи без своите најдобри играчи Ханга и Војвода славеше со 63-61 во Сопрон и со максимален ефект од шест победи ќе оди на Европското првенство следната година. Македонија во овие квалификации оствари само две победи и тоа над аутсајдерот Луксембург.
Во овој меч Македонија ја одигра можеби најдобата четвртина досега кога по првите 10 минути водеше со 25-18 иако имаа предност и од цели 13 поени. Унгарците веќе на стартот од вториот период успеаја да се вратат целосно и да поведат со 27-25 откако „црвено-жолтите“ пет минути не успеаја да постигнат ниту еден поен. Нашиот национален тим заигра многу подобро во одбраната во финишот од четвртината, во последните четири минути не прими ниту еден поен, па на одмор замина со предност од 32-37.
Оваа разлика набрзина беше стигната од страна на домашните кошаркари, па така во преостанатиот дел од натпреварот можеше да се проследи израмнета игра, во која и двете селекции немаа премногу идеи во нападот. Раца повторно задоцни со тајмаутот, па Унгарија со тројката на Ференц поведе со 55-50. Во игра се вративме благодарение на тројката од над осум метри на Костоски за 57-55, но следеше нова мини-серија на противникот од 4-0. Во нападот немавме апсолутно никаква идеја, но Раца упорно не зеде тајмаут, како да чекаше неговата мизерна селекторска авантура што поскоро да заврши.
Кошаркарите повторно се вратија со индивидуална акција и тројка од осум метри на Костоски за намалување на 61-60. Домаќините најпрвин ги погодија двете слободни фрлања, по што направија паметна лична грешка над Костоски, не дозволувајќи шут за тројка на Македонија. Нашиот плејмејкерот го погоди првото, потоа намерно го промаши второто слободно фрлање, но изостана офанзивен скок, па овој натпревар заврши со 63-61 за Унгарија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.