
Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)
Женкари, папкари и сите цицач(к)и: обединете се, и без тоа сте Едно! И не прашувајте се кој ја дизајнира слободата. Уживајте во неа!
За стишување на страстите кај сите спротивставени страни, еве еден карикатурален приказ на научното истражување за содржината на еден просечно развиен машки и еден таков женски мозок:
Речиси деведесет и четири проценти од мозочната маса на машкиот мозок е ангажирана во центрите за секс, 4,5 проценти се во центарот за спорт, а другите 1,5 процент се со помала или поголема пропорционалност распределени во центрите за:
– центар за пиење пиво
– центар за координација на далечинскиот управувач на телевизорот
– центар за расфрлување нечисти чорапи и долна облека
– центар за неуверливо извинување
– центар за избегнување лични прашања
Со забелешка дека во главните центри постојат специјализирани зони број еден и два, првата за откривање на женските облини од далечина, како и подложност на прељуба, а втората зона за почеток на разговор со глупави прашања и глупави приказни, со исклучително развиен центар за самофалење…
Ситуацијата не е ништо порозова ниту во областа на женската сива маса:
Во речиси половина од оваа маса доминира еден голем знак прашалник, кој упатува на претпоставката дека се работи за диво ткиво, кое со текот на еволуцијата (особено кај русокосите), сосема рудиментирало;
Од другиот дел, три поголеми центри отпаѓаат на:
Телефонирање
Купување
ТВ-серии (јужноамерикански, турски и др.)
И понатаму, секој од другите центри дејствува преку еден сразмерно мал дел од мозочната маса:
– центар за фризури, козметика, депилација, диета
– центар за препознавање и за процена на добра прилика за мажење
– центар за „убаво ти реков и гледаш дека сум во право“
– центар за празни муабети
– центар за љубомора
– центар за секс (со забелешка дека овој центар е во врска со не толку развиениот центар за хумор, и вообичаено предлозите за секс предизвикуваат и напади на смеење)…
Толку за научните истражувања на кои, сепак, не треба да им се придава преголемо значење.
Тенџерето и капакот, теглата и ајварот, дизајнот на шишето „кока-кола“ и црната шумлива напивка во шишето, способноста и неспособноста на пат кон себенадминување… Замислете ја манџата што се вари без капак, ќе се свари така што ќе остане без витамини во себе… И зошто речиси без исклучок добрите готвачи препорачуваат секое јадење да се готви на тивко, и притоа да е полупокриено.
Можеби тоа е суштината на еден избалансиран однос – тивкоста како платформа за долгорочноста на меѓусебното бавно откривање, толку „слоумоушн“ (slowmotion) што се прелева во димензијата на вечност (како водопадите на Нијагара) и потоа паѓа прекршувајќи се и во тој слободен пад ја преоткрива перспективата на екстатичкиот залет кон горе што некогаш во понудата „сѐ вклучено“ (all inclusive) ја вклучува и можноста за зачнување – дете.
Зошто правиш слон од мене? Кога сосем искрено ѝ го поставуваше ова прашање на својата жена пред околу дваесет и пет години, Дино Дворник намерно ги изостави магарето и мајмунот бидејќи во светот на луѓето слонот се смета за едно од најинтелигентине животни. Алтерегото од животинскиот свет е добра контра тежа на таа мачна сериозност и надувување на проблемот каде што го нема – излезот од мрачниот сексуален лавиринт на меѓусебното грицкање е многу едноставен и се вика – ЧОВЕК! На очиглед на сите и на сè, помалку невидлив и нечуен, со димензии на мал космос, кој во себе содржи и обединува СЕ – не само мажи и жени, туку и животни, растенија, вклучувајќи секаков вид стоногалки, диви свињи, крокодили, ружи, кринови, нарциси и кактуси, камења, карпи, мориња, пустини, бродови, близини, далечини, паралелни светови, цврсти и помалку цврсти зрнца материја, облаци, силикати, карбонати и најсложени молекули и честички, џинови, џуџиња и секаков вид меѓусветови – микрокосмос.
Приказната би била лишена од својот динамички аспект доколку не ги споменеме Анимус и Анима – во поширокиот контекст на идејата за андрогеноста на човечкиот род, што подразбира дека „синот на мајка“ токму преку мајчината љубов и ликот (архетипски и практичен) на мајката во себе, во својата душа го носи женскиот аспект на природата. „Татковата ќерка“, пак, преку сликата на таткото во себе, ја негува (или ја развива) машката страна на својата природа, што никако не значи дека тоа ја намалува или нарушува природната мажественост, т.е. женственост на луѓето како андрогини суштества, напротив само ја проширува и продлабочува рамнотежата помеѓу физичкото тело, душата и духот на човекот (со големо Ч).
Што е со функционалната димензија на женската страна на човекот во бракот, во племето, во општеството, во државата? Што прави една свекрва, снаа, сестра, ќерка, братучетка, мајка, тетка, баба, прабаба и чукунбаба? Дали игра улога на самовила, вештерка, робинка, револуционерка, готвачка, војвотка, принцеза, кралица? Зошто е толку турнат на маргините на митолошките лексикони митот за Лилит, кој се споменува во списите од Стариот завет, како првата адамова жена (пред Ева), која претставувала живо отелотворување (ако им се верува на списите) на адамовите скриени желби и која во еден момент, поради својата дива природа и непослушноста е протерана од рајот, на брегот на Црвено Море… Овој мит е само уште еден поен плус за тезата дека во приказната за Црвенкапа, децата треба повеќе да се плашат од малото девојче со црвено капче, вклучително бабата, отколку од сиромашкиот, прегладнет волк.
Како и да е, до нерамнотежа меѓу двете страни (или колку и да се) внатре човекот може да дојде и при површно или недоветно користење на религиските архетипи: погрешната „апликација“на овие моќни матрици, најчесто и без да знае апликантот, освен што води директно во сигурната позиција на идолатријата, нема друг поважен ефект. Скриената а добра страна на овие идоли е што и тие имаат своевидна педагошка улога во духовниот развој на човештвото, пред сè во процесот на зреењето, кога подготвеноста за нивното уривање (тоа што во зенот е раскажано во приказната „Ако го видиш Буда, убиј го“ (If you see Buddha, kill him)) понатаму прераснува во еп за т.н. индивидуација, која е, всушност, лична потрага на секое човечко суштество по сопствената среќа и себереализација…
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


