| четврток, 6 декември 2018 |

ИСКУШЕНИЈА

aco-stankoski.jpg

Колумнист:
Адрапо Спараи

Отсекогаш сум се прашувал зошто пред големите христијански празници има толку голем број искушенија и несреќи. Оние што се доволно длабоко иницирани во прашањата на верата, имаат многу сугестивен и оправдан одговор, а тој е резултат на едно студиозно набљудување кое не доаѓа само од проучувањата на светите книги и сведочењата на светите луѓе, туку и од нивните лични искуства. Имено, тие сугерираат на една по сѐ напната состојба која се случува во невидливиот свет, за нас обичните, така да речам луѓе, иако по Божјата благодат никој човек не е обичен, туку сите се посебни и автентични и во секој од нас има потенцијал за просветлување и соединување со вечната љубов и радост. Сепак, овие веќе разбудени од сонот на илузиите луѓе имаат дар од Севишниот да гледаат таму каде другите сѐ уште заспани во светот на страстите не догледуваат. А, не догледуваат поради огромниот страв кој им го замаглува погледот во тој дел од божественото сотворение, всушност волјата да го насочат внатрешното око во овој невидлив свет е слаба и веднаш се повлекува при ова за многумина ужасно битисување. Но, просветлениот, тој што нема веќе што да загуби зашто сѐ што има му предал на Бога, може да гледа во тој понор од димензии, да гледа конкретни собитија во зоните во кои другите би полуделе и да ја види страшната војна која се одвива меѓу силите на злото, меѓу демоните и ангелите.

Некој психолог задоен со здраворазумски идеи на рационализмот, кој го навјаса целиот свет (со мали исклучоци), слатко би се изнасмеал на овие заклучоци, но кога искушението или несреќата ќе тропнат на неговото цврсто како челик его, тој не само што нема одговор на оваа ситуација, туку тоа навидум самодоволно и самоосвестувачко его одеднаш се крши во парампарче и ние шокирани се соочуваме со мало уплашено и расплакано дете кое е бескрајно неутешно и очајно. Целиот рационализам и самодоверба, сите знаења и експертизи одеднаш не вредат ништо, а долината на ужасот, немирот и страданието се простираат во непрегледен хоризонт. Ете тој немир и болка сега треба да се преживеат, а тоа бара многу време и големи дози утеха.

Значи, зошто толку многу ужасни искушенија и несреќи пред големите верски празници?

Светите отци имаат многу едноставен одговор, а тој одговор се состои во едно просто, речиси детско согледување и само за сиромашните во духот, простосрдечните и искрените има вистинска смисла. Имено, тие велат дека пред големите верски празници, кога на верниците и на сите други луѓе треба да се излее милоста Божја, силите на злото влегуваат во голема паника и соодветно на ова, нивните активности стануваат френетични до лудило. Всушност, овие мрачни сили насетувајќи го својот пораз во идните дни, дебаклот што ќе следува по неоспорната и неменлива волја Божја, се обидуваат да направат што е можно поголема штета. Насетувајќи го својот ужасен крај, овие демонски сили се обидуваат да потопат и унесреќат што е можно повеќе души, да повлечат што е можно повеќе несреќници со себе во Адот. Ете затоа велат светите, мудрите и видовитите, има толку многу искушенија и несреќи пред големите верски празници, чија главна цел е да ги потсети луѓето на големите триумфи на доброто врз злото.

Тие додаваат дека оваа борба се води уште од најдревните времиња кога суетата на дел од невидливите сили се издигнала до Божествениот трон, но неспособна да ја издржи таа љубов, сочуство и одговорност се струполила во понорите на вечниот бес и страдание. Оваа ужасна војна беснеела илјадници векови и таа сѐ уште беснее во сферите на невидливиот свет, а сите нејзини консеквенции се одразуваат во овој наш видлив и материјален свет и, страданијата и болките се шират во сите правци како бесни бранови што удираат по сите оние души изложени на ветрометината на оваа ужасна војна. Како што велат светите и разбудените од сонот на себичноста, нема човек или жена што порано или подоцна нема да се соочи со пеколната болка на овие бранови што патуваат низ универзумот на душата колективна и поединечна. Зашто сите сме грешни додека не се освестиме и покаеме, па дури и потоа, силите на злото ќе ги применат сите нивни капацитети и способности повторно да нѐ урнисаат во гибелта на самољубието.

И сѐ така до судниот ден, кога конечно Бог повторно ќе ја воспостави првобитно конципираната хармонија на вселената и душата на оние што по негов лик беа создадени за да постојат вечно во совршената љубов и радост.

Еве го Велигден доаѓа, а со него и Воскресението Божјо што ги разби вратите пеколни и што ги спаси сите оние пленици на нечистите сили што одамна ја загубија секоја надеж за спас, мир и радост. Да се покаеме за нашите недела и неморални тенденции. Да ги надминеме нашите ситни и суети злоби. Да прогледаме со очите на простувањето и љубовта. Да се освестиме за нашата природа и за карактерот на светот зашто, еве, спасението доаѓа повторно.

*(Колумните на Адрапо Спараи ќе бидат објавувани секој петок)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top