Во Музејот на град Скопје на 15 септември 2016 година во 20,00 часот ќе биде отворена изложбата LA PETITE MORT. Изложбата е поставена во целиот изложбен простор на Музејот, а свои дела изложуваат осумнаесет македонски уметници. Куратор на изложбата е Емил Алексиев.
LA PETITE MORT („мала смрт“, оргазам; но може да реферира на сонот и длабочините на подсвеста, на колективно несвесното, на состојбата на транс, екстаза и халуцунација) е проект што има за цел истражување на граничните состојби на духот (ум, maind). Под истражување на граничните состојби овде се подразбира исчекорување во пределите зад границата каде само духот може да оди, каде (и кога) телото веќе не постои, тоа е потиснато или е заборавено, а духот слободно скита (во трансцендентните сфери…), но и на пределите што се недостапни за духот и каде владее телото (телото има сопствена природа и сопствени закони кои не се закони на духот како што има и сопствени сеќавања). Значи, проектот подразбира истражување на трансцендентното, спиритуалното, ониричкото, сексуалното и карналното. Воедно, истражувањата на граничните состојби на духот (и телото) се истражувања и на граничните состојби на уметноста (крај на уметноста или нејзина „мала смрт“ во оргазмите на многуте свршувања), но и на сите можни граници и краеви (кои не се вистински краеви) како што е крајот на човекот како човек или крајот на историјата.
Клучни зборови се: оргазам, екстаза, сон, дух, тело, транс… Клучен поим: ГРАНИЦА…
Учествуваат: Милан Андов, Жарко Башески, Тања Балаќ, Дијана Богдановска, Атанас Ботев, Билјана Василева, Златко Глигоров, Роберт Дандаров, Инес Ефремова, Јана Јакимовска, Петра Јовановска, Татјана Манева, Шќипе Мехмети, Татјана Миљовска, Јасминка Новковска, Ирена Паскали, Борис Петровски и Микица Трујкановиќ.
Изложбата ќе биде достапна за јавноста до 30 септември 2016 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.