| четврток, 6 декември 2018 |

Изложбата „Тага и радост – Роми“ во рамките на ИФФК „Браќа Манаки“ вечерва во „Магаза“

Вечерва со почеток во 21 часот во „Магаза“ во Битола ќе биде отворена изложбата „Тага и радост – Роми“ од авторот Бојан Петровиќ – Бокац, а во рамките на ИФФК „Браќа Манаки“.

По повод изложбата, авторот Петровиќ праќа и негова порака:

„Во средината на 2012 година при преминување на мостот над реката Црница, вниманието ми го одвлече една ромска фамилија која се одмараше во сенката од мостот по краткото освежување во реката. Ги оставив настрана моите обврски, им се приближив и ги прашав: „Која е вашата приказна?“. Отсекогаш сум бил фасциниран од слободата на животот во секоја смисла. За Ромите кои живеат на работ на егзистенцијата, оваа слобода е многу експресивна на еден фасцинантен начин за мене. Децата се способни да предизвикаат насмевка и среќа кај поголемиот дел од луѓето.

30-commando-1

И така започна мојата фото приказна за малите Роми.

Бев презадоволен и премногу среќен кога ги фотографирав овие мали, често многу валкани лица кои љубопитно ме гледаа. Довербата која ја стекнав кај нивните родители, слободниот дух и безгрижноста кај децата отвори во мене еден поинаков пристап кон нивниот свет. Многу наскоро станав пријател и почесен гостин кај нив со што добив можност да пренесам многу моменти кои ги искусив со нив, моменти кои ме натераа да се радувам, смеам но и такви моменти кои ме збунуваа и ме правеа тажен. Мојата желба со овие фотографии е да го пренесам знаењето и фактот дека во нашето општество, во нашата средина постои малцинство кое живее многу тешко! Мојата желба е со гледањето на овие фотографии да го свртам вашето внимание низ среќа или тага и со надеж дека на улица нема да ја свртите главата додека поминувате покрај социјално ранливите лица, а меѓу нив се и Ромите! Нивниот живот е и наша грижа, грижа на општеството“, вели Петровиќ.

27-help

Авторот уште од својата рана возраст покажувал голем интерес кон фотографијата, но неговите први чекори ги направи во 2010 година. Бојан е член во Фото Кино Клубот „Парачин“ и Фото Сојузот на Србија каде што го има називот (CMF) Кандидат мајстор на фотографија. Носител е на титулата EFIAP/b и почесен носител на титулата HonFtGM. Во 2013 година беше прогласен за најуспешен автор во Фото Сојузот на Србија. Неговите дела се изложувани во 39 различни држави каде што негови фотографии беа наградувани во 18 држави со 178 медали и признанија. Гостувал со шест самостојни изложби и тоа во: Парачин (Србија) 2011 година, Куманово (Македонија) 2013 година, Парачин, Сомбор и Чачак (Србија) 2016 година и Солун (Грција) во 2016 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top