Наградуваната џез-приказна „Блуз од мешана крв“ на канадската писателка Еси Едуџин е објавен на македонски јазик, во издание на издавачката куќа „Антолог“. Романот бил финалист за Букеровата награда и е добитник на наградата „Гилер“ во 2011 година. Преводот на македонски е на Елизабета Божиноска.
Младиот, генијален трубач Херонимус е уапсен во еден џез-клуб. Оттогаш на оваа музичка ѕвезда ѝ се губи трагата. Имал само дваесет години. Бил германски државјанин. И црнец. Педесет години подоцна, Сидни Грифитс, сведок на овој настан, одбива да говори за тоа што го видел. Но, кога на гости ќе му дојде Чип Џонс, пријател и колега од некогашниот бенд, со приказна дека открил чудно писмо, за Сид почнува патот до искупувањето. Од зачадените клубови на Берлин и на Париз од пред Втората светска војна до модерен Балтимор, Сид го води читателот во фасцинантен, недоволно познат свет, во срцето на својата совест.
„Блуз од мешана крв“ е возбудлива и трогателна приказна за расните разлики, музиката, љубовта и за предаденоста што ја бараме од себе и од другите во име на уметноста. Романот бил прогласен за најдобра книга за 2011 година според списанието „Опра“ и за најпродавана книга во март 2012 година на „Амазон“, а влегол и во најтесниот избор за наградата за книжевност на Генералниот гувернер на Канада.
Книгата е објавена со поддршка на Канадскиот совет за уметност.
Еси Едуџин (1977) е канадска писателка со потекло од Гана. Студирала креативно пишување. Во 2004 година го објавила својот деби-роман. Како авторка гостувала во многу држави: САД, Шкотска, Исланд, Унгарија, Финска, Шпанија, Белгија. Писателска резиденција во Штудгард, Германија, била инспирација за нејзиниот најуспешен роман досега, „Блуз од мешана крв“. Живее во Британска Колумбија со сопругот и со ќерката.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Промоција на романот „Манастир Фуентерабија“ од Јагода Михајловска-Георгиева во Библиотеката „Браќа Миладиновци“
-
„Антолог“ ја најави добитничката на наградата „BookStar“ 2018 : Во Скопје доаѓа Славенка Дракулиќ
-
„Антолог“ објави две обновени лектирни изданија од Александар Кујунџиски
-
„Бележникот на татко ми“ од најтиражниот писател од Холандија – Кадер Абдолах