Македонскиот ракометен првак Вардар и во третото коло од СЕХА-лигата остана непобедлив. Овој пат во Скопје падна актуелниот првак Веспрем, кој во СЦ „Јане Сандански“ загуби со убедливи 29:22 (16:12). За Вардар ова е прва победа над Веспрем во шесте последни меѓусебни дуели, по онаа во 2015 година кога во регионалното натпреварување избраници на Раул Гонзалез извојуваа победа. Вардаровите ракометари одиграа перфектен натпревар и заслужено дојдоа до втората победа сезонава.
Вардаровите ракометари одиграа мудро и лавовско прво полувреме и беа далеку подобар противник од СЕХА-шампионот.
Во редовите на Веспрем расположен за игра беше само Момир Илиќ, кој во воведните 15 минути постигна четири од осумте гола за унгарскиот гигант. Кај Вардар, пак, имаше дури седум ракометари со постигнати погодоци, па така, потпомогнати од Милиќ кој полувремето го заврши со пет интервенции, „црвено-црните“ на пауза заминаа со предностa од четири гола (16:12).
И во второто полувреме Вардар одлично ги затвори противничките ракометари и ја држеше предноста. Во 19. минута вардарци со голот на Циндриќ дојдоа и до највисокото водство на мечот од седум гола (25:18), додека во 54. минута „црвено-црниот“ колектив со голот на Хорхе Македа, кој го одигра својот прв меч во СЕХА сезонава, дојде и до водство од 27:19. До финишот Вардар продолжи со сигурната игра и забележа заслужена победа од 29-22.
Најефикасен ракометар кај Вардар е Игор Карачиќ со 8 постигнати гола, а по него се Тимур Дибиров со 5 и Лука Циндриќ со 4 гола. Одличната партија имаше и голманот Страхиња Милиќ кој запиша 11 одбрани. Кај Веспрем најефикасен беше Момир Илиќ со 8 гола, а Гаспер Маргуч мечот го заврши со 3 гола.
Веспрем утревечер ќе гостува во СЦ „Борис Трајковски“ на вториот македонски претставник во СЕХА-лигата, екипата на Металург.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.