| четврток, 6 декември 2018 |

Врачени државните награди за придонес во спортот: Андон Дончевски добитник наградата за животно дело „8 Септември“

nagrada

На Андон Дончевски, Агим Ејупи, Сашко Поповски, Добре Маринков и Фоти Ѓатовски, денеска во Собранието на Република Македонија им беше врачена државната награда „8 Септември“, која се доделува во областа на спортот, односно за остварувања на спортисти, тренери и спортски работници.

Наградата за животно дело за исклучителен придонес во развојот на спортот, афирмација и промоција на Република Македонија на меѓународен план ја доби Андон Дончевски.

Награда за остварување во областа на спортот во 2016 година, петта откако се доделува признанието, добија и Сашко Поповски за своите активности во ватерполото (репрезентативец и селектор), Добре Маринков, Фоти Ѓатовски и Агим Ејупи за борење.

Честитајќи им на добитниците на наградата, директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Марјан Спасески рече дека АМС ја валоризира вредноста на работата на спортистите и спортските работници доделувајќи им високо државно признание на Денот на независноста на Република Македонија.

– Симболот на независноста на нашата држава недвосмислено кореспондира со крајната цел на секој спортист, а тоа е победата. Денешниот празник е прослава на победата, а токму таа е мотив на спортистите и спортските работници, рече Спасески.

Според него, со  државната награда „8 Септември“ се обезбедува вреднување на луѓето во сенка кои, како што нагласи, не се помалку значајни за постигнување на врвни спортски резултати.

– Годинашните добитници на наградата со тоа што го сторија и се уште го прават за својата земја ја заслужија честа да бидат оние кои на најмладите генерции спортисти, оние кои на европските и светските борилишта треба да го бранат македонскиот дигнитет ќе им го пренесат чувството на вредност на спортскиот пиедестал во насока на промоција на својата земја, рече Спасески.

Претседателот на Одборот за доделување на државната награда од областа на спортот „8 Септември“, Ѓорѓе Војновиќ им изрази благодарност на сите луѓе кои во минатото биле запоставени, а постигнале огромни успеси. – Тие постигнале успеси можеби во една поранешна држава, кои ќе бидат споменувани и запамтени. Тие нивни успеси ќе се обидеме да ги достигнеме и во независна Република Македонија, рече Војновиќ.

Во име на добитниците на наградата, Андон Дончевски изрази благодарност за ова високото признание и упати честитки до сите Македонци по повод 25-годишнината од независноста на Република Македонија.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top