Андон Дончевски, првиот селектор на фудбалската репрезентација на Македонија, ги изненади репрезентативците на денешниот тренинг на комплексот „Петар Милошевски“ крај Куќата на фудбалот.
Тој подолг период живее во Австралија, а летово е повторно во Македонија. Тој го искористи моментот за да ги посети најдобрите македонски фудбалери на тренинг, за да им влее дополнителна сигурност и мотивација пред почетокот на новиот квалификациски циклус за СП 2018 во Русија.
Тој ги поздрави Пандев и соиграчите, посакувајќи им многу успех во новите квалификации, потенцирајќи дека верува во нив и сака и тие самите да бидат многу посамоуверени во сопствените квалитети.
-Вие сте сте јунаци, знам дека можете да победите во Скадар. Верувам во вас и сакам и вие да верувате во сопствените можности. Не се плашете, не се тие непобедливи. Пред 20 години, ние ги победивме со 5:1. И вие сега можете да остварите позитивен резултат против Албанија, но и против сите други репрезентации во новите квалификации. Ви посакувам многу среќа и само напред, им рече Чичко Дончо на македонските фудбалски репрезентативци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.