| четврток, 6 декември 2018 |

Вреднување на работата на спортските работници: Деветмина во трката за наградата „8 Септември“ за животно дело

До одборот за доделување на наградите „8 Септември“ пристиганти се девет апликации за наградата за животно дело и пет за годишната награда „8 Септември“.

Оваа година по повод Денот на независноста на Република Македонија 8 Септември по петти пат ќе бидат доделени награди на спортисти и спортски работници кои оставиле белег во македонскиот спорт. ­

Иницијативата на Агенцијата за млади и спорт беше воведена во државата, а со која дефинитивно се заокружува системот за валоризација на спортските успеси во Република Македонија.

-Со ова високо државно признание спортистите и спортските работници се валоризира вредноста на спортот како дел од секојдневното живеење, но и се оддава признание на спортистите, тренерите и спортските работници кои придонеле за унапредување и развој на спортот како и за афирмација и промоција на Република Македонија во европски и светски рамки, изјави директорот на АМС Марјан Спасески.

Со државната награда “8­ Септември“ се обезбеди и вреднување на луѓето во сенка, кои не се помалку значајни за постигнување на врвни спортски резултати. Тоа се спортските работници, тренерите, селекторите и медицинскиот персонал.

Добитниците на наградата за животно дело имаат право на користење доживотен паричен надоместок.  Државната награда за животно дело претставува спортска пензија која ќе му се исплаќа на носителот до крајот на животот, додека останатите четири државни признанија претставуваат еднократна исплата во износ на десет просечни плати во Република Македонија.

Претседателот на одборот за доделување на наградите, Ѓорѓе Војновиќ истакна дека со оглед на пристигнатите апликации одборот имал сериозна задача да ги одберат најдобрите во две категории: државна награда за животно дело и четири државни награди ­ признанија.

Кандидати за наградата „Животно дело“ се: Стеван Гешовски (кошарка), Зоран Бошковски (фудбал), Венцислав Недев (традиционално карате), Владимир Радиќ (ракомет), Крсто Серафимовски (атлетика), Иван Кочовски (шах), Маријанчо Соколовски (пливање), Ристо Дарлев (борење) и Андон Дончевски (фудбал).

За годишната награда конкурираа: Агим Ејупи (борење), Фоти Јатовски (борење), Добре Маринков (борење), Сашко Поповски (ватерполо) и Назми Али (борење).

Добитниците на наградите ќе бидат објавени на Свечената церемонија на 8 Септември во Собранието на Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top