Музејот на македонската борба за државност и самостојност денеска организира свеченост со која ќе одбележи пет години од постоењето.
Над 200.000 домашни и странски посетители од околу 80 земји биле во Музејот од септември 2011 година, кога беше отворена оваа национална установа, на 20-годишнината од независноста на Република Македонија. Секоја година Музејот го посетуваат по околу 50 високи државни делегации, а годишно во него се одржуваат меѓу 150 и 200 настани, од кои триесетина се во негова организација.
Во петте години постоење Музејот стана и полноправна членка во меѓународни асоцијации, воспостави соработка со сродни институции и доби две високи интернационални признанија – специјална награда „Жива“ од Форумот на словенските култури и награда од Европската музејска академија. Во 2017 година Музејот на македонската борба ќе биде домаќин на доделувањето на наградата за најдобар музеј „Микелети“ што ја доделува Европската музејска академија.
На вкупна површина од 2.500 квадратни метри, преку изложени експонати, слики на значајни настани и личности и нивни восочни фигури, како и преку живи сцени кои го доловуваат амбиентот, во Музејот е прикажана македонската историја од почетокот на 19 до крајот на 20 век.
По повод малиот јубилеј, Музејот на македонската борба денеска ќе промовира брошура, ќе ја претстави редизајнираната веб-страница и ќе информира за настаните што ќе ги организира до крајот на годинава.
На свеченоста ќе има и македонски изворни песни кои секој петок се изведуваат во музејската поставка од ученици на Музичко-балетскиот училиштен центар „Илија Николовски-Луј“.
Директорот на Музејот, Бранислав Светозаревиќ, изјави дека свеченоста ќе биде поскромно организирана зашто одлучиле дел од средствата да бидат наменети за помош на населението од поплавените во Скопско и во Тетовско.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.