Во Стариот Завет, помеѓу многуте преданија е и она за кулата Вавилонска, за тоа, како луѓето решиле да изградат градба, што ќе дојде до небесата и на тој начин луѓето би се изедначиле со Бога. Но Севишниот, наводно, не сакал тоа да се случи, демек, љубоморен бил и им ги испомешал јазиците на градителите на овој супер амбициозен градежнички зафат. Така тие, не можејќи да комуницираат повеќе меѓу себе, се нашле во конфузија и на тој начин проектот пропаднал.
Од езотерична гледна точка, преданието за Вавилонската кула добива малку поинаква експликација.
- Како тоа, Богот на љубовта, човекољубецот и Создателот би паднал на така низок степен на свесност, па исполнет со завист, да им ги испомеша јазиците на луѓето, кои повеќе ги сожалува, па и животот на својата земска инкарнација го жртвуваше за спасот на човека, а камо ли да прави дела, исполнети со злоба и со деструкција на човечките усилби и креативност?
Тоа како да е дело на некој друг ентитет, на делителот, на дијаволо?
Но зошто нечестивиот би им ги испомешал јазиците, кога тоа би било контрапродуктивно за неговиот интерес, да им дава волја и фанатичност на градителите да градат и понатаму со лудачка сила, сѐ до небесата… а потоа, тој самиот, инспираторот на овој суетен потфат би се искачил од подземјето и од пеколот кон небесата и рајот, токму преку неговото сјајно дело, спроведено преку градителите на Вавилонската кула.
Но поентата тука е во тоа, што кога овој сулуд потфат би се окончал, сите луѓе, кои би се собирале околу Вавилонската кула за да се искачат кон небесата, на својот грб би носеле по еден демон. Така оваа огромна помама кај луѓето, да се отиде на небото, во рајот, по Вавилонската кула, истовремено ќе понесе со себе една огромна армија од ѓаволи. Всушност, крајната цел на нечестивиот била да создаде гигантска градба, која би дошла до седиштето на Севишниот, а потоа, по неа да спроведе едно стравотно стампедо од луѓе и демони, всушност, инвазија врз небесата, користејќи ги луѓето како маска, како заложници или како жив штит.
Но планот не успеал. Овој неуспех не бил поради тоа што човекољубецот и Отецот, што е на небесата, им ги испомешал јазиците на своите чеда со некаква мачна вибрација или со некаков вирус. Напротив, Тој воопшто не направил ама баш ништо. Едноставно, им допуштил да го прават тоа, што го правеле и ги толерирал.
Овој феномен на Божјо допуштение е многу поинаков од феноменот на Божјата волја. Кога збориме, пак, за Божјата волја, тогаш говориме за дела човечки, кои поради моралната исправност и поради креативниот ентузијазам, поради инспирацијата (ин – во, спирито – дух), му се волја на Творецот и Тој ги поддржува на суптилен и беспрекорен начин.
Но Божјото допуштение е Неговото сосема неутрално следење на одредено собитие, кое може да биде и ужасно, како што беше Холокаустот, на пример, што не значи дека тоа дело е простено и дека злосторниците нема, кога-тогаш, да се соочат со своето беззаконие. Сѐ што е сторено има свои консеквенци и своја одговорност, и на овој, и на оној свет.
Вавилонската кула, всушност, не била изградена поради поделбата, иницирана од одредени групации во градителскиот еснаф, кој мора да бил огромен, судејќи према магнитудата на овој проект.
Гигантската структура на градители почнала да се атомизира, следејќи ја визијата и волјата на одредени мајстори, кои воспоставиле ривалски меѓусебен однос во борбата за моќ. За да не бидат разбрани и за да ги спроведуваат своите планови во тајност, тие измислиле посебни јазици за другите да не можат да ги разберат, и така, без да бидат откриени, работеле за својот интерес.
Наскоро, како бројот на градителите и конкуренцијата сѐ повеќе се зголемувала, така овие тајни јазици станале честа појава. Кулата станувала сѐ поголема, па во една фаза на неа работеле повеќе луѓе, отколку што останале во другиот дел од царството. Самата кула станала еден вид царство. Царството, во кое луѓето повеќе не се разбирале помеѓу себе, зошто бројот на измислените, лажни јазици станал преголем и во еден момент тоа доживеало потполн колапс, а планот на пеколот да изврши инвазија на небесата, пропаднал.
Но многуте измислени, лажни јазици останале до ден денес, дури и уште повеќе се накотиле.
Идејата да се изгради кула до небесата, подобна на онаа Вавилонската, веќе одамна е напуштена од човештвото, како наивна и глупава, идеја на една примитивна фаза на цивилизациската еволуција, низ која поминувале луѓето низ милениумите.
Но, дали тоа е навистина така?
Како да оваа опсесија никогаш не се симнала од политичката сцена. Посебно кај одредени кругови, кои градат виртуелни кули вавилонски врз база на својот капитал, кој расте, а граници нема. Но само навидум.
Зошто ниедна кула вавилонска, без оглед дали е имагинарна или конкретна, нема да опстои поради конспиративноста, поради лагата и суетата. Освен, можеби, она ремек-дело на Питер Бројгел Постариот, со наслов „Вавилонската кула“.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.