
Роден на: 21 октомври 1976 година во Куманово
Образование: правник
Професија: врти-сучи секретар на партија
Има многу народни изреки кои ги дефинираат луѓето кои незадоволни од себе наоѓаат мани на сѐ околу себе. Истите тие кои и во јајцето бараат влакно и кои плачат кога ќе изгубат во народна, криена или на табла, еден ден стануваат, на пример, секретари на партија. И партијата, како и тие самите, станува таква, плачлива, разгалена манџика.
По резултатот 9-0 на избори Заев и Шеќеринска започнаа да мавтаат пред очите на јавноста со половина милион фантоми, кои по неколку заушки ги десеткуваа на 40.000. Нула повеќе или помалку. Им се даде можност на фантомите да се пријават и да го регулираат својот статус и 8.922 лица го сторија тоа., а за оние кои не успеаја, рокот е продолжен.
Но, и во оваа шанса СДСМ најде потврда за своите тези дека во Македонија има фантомски гласачи, запишани гласачи во Избирачкиот список коишто се злоупотребуваат за време на изборниот процес, остроумна манипулација која доаѓа директно од генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски.
Со целосно неточна информација тој ладнокрвно им продаде магла на стружани дека со тоа што се докажало дека околу 30 илјади избирачи не постојат, се потврдила тезата дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ сериозно го злоупотребувале избирачкото право на граѓаните на досегашните избори.
Она што сите при очи нѐ прави слепи, а при памет будали е Извештајот на Државната изборна комисија за пријавените гласачи со спорни записи:
„Пријава не поднеле вкупно 30.467 лица“.
Не дека не постојат, туку не се пријавиле!
За потсетување, најгласна од нив беше Мирјана Најчевска, која во својот вулгарен и простачки стил на цел глас најави дека не планира да се „вуцара“ и да се докажува дека постои.
А политиката, пак, таква каква што е, немилосрдна, ги исфрла од игра плачливите.
И тогаш повторно кругот се завртува, плачливите се размрсулавуваат и посочуваат виновници.
А виновникот е победникот.
Девет циклуси СДСМ не најде лек за да си ги залечи лутите рани од поразите, но секогаш наоѓа нешто што не чинело додела губел. Еве, последно се фати за Избирачкиот список, па врти-сучи, пречистен или не, тој не чини. И не се безидејноста и старите гревови на партијата кои народот не ги заборава причината за поразите, ами Избирачкиот список и фантомите.
Во истиот врти-сучи манир, Спасовски, сепак, им пушта грст светлина низ замаглените очи на стружани, кои веќе по првата реченица треба да им се гневни на власта, изборите, Избирачкиот список, поразот на СДСМ и сигурно на уште нешто, па им вели дека иако списокот не е идеален, тој е одличен.
„Имајќи предвид дека и дополнителни 172 илјади избирачи се запишани на посебен извод на избирачки список, затоа што се наоѓаат надвор од земјава, се констатира дека во Македонија имаме околу 1.500.000 избирачи. Тоа се, реално, избирачи кои се во Македонија и кои можат да го искористат сопственото избирачко право тука. Ова покажува дека нема да имаме идеален избирачки список, меѓутоа, ќе имаме далеку подобар избирачки список од оној што го имавме досега“.
Па, да си веруваше Спасовски на зборовите колку што верува во поразот на својата партија, во времето на политичката криза во Македонија наместо шарена променада, ќе имаше вистинска револуција.
Па, да си веруваше Спасовски на зборовите, ќе излезеше и по улиците ќе се фотографираше со програма за победа, посилна од сите манипулации на власта, а не со пајташи за уцени, фалсификување, изнудување, рекетарење и заплашување.
Зашто, и оваа власт некогаш беше опозиција, но со моќ да победи на избори.
Текстот е објавен во рубриката „Личност на неделата“ во 208 број на неделникот „Република“, кој е во продажба од 26 август 2016 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


