| четврток, 6 декември 2018 |

Сложувалката на Илина Поповска

Иако почнала да изработува накит од монистра, посребрена жица комбинирана со стакло или полудраги камења, сега филигранот е нејзина главна дејност. Работи со сребро и со дрво.

Кога рацете се немирни, значи и умот работи нешто. Чепкаат, фаќаат, везат, редат, си играат со се што ќе им дојде на дофат. Така и Илина Поповска, дизајнерка на накит. Почнала од мала да реди монистра, изработувала алки, ланчиња, по некој прстен. Но, детската игра, а подоцна и хобито станало професија. Иако почнала да изработува накит од монистра, посребрена жица комбинирана со стакло или полудраги камења, сега филигранот е нејзина главна дејност. Работи со сребро и со дрво, иако овие два материјала се сосема различни за работа.

ilina01

– Мојата главна дејност е филигранот. Обликуван е според идејата што ја имам, а реализиран според потребата на клиентот или личните видувања. Среброто го комбинирам и со бакар и со дрво. Новите парчиња накит од дрво ми се подеднакво вредни. Карактеристично е тоа што се е рачно изработено – објаснува Поповска.

Таа во овој период ја промовира својата нова колекција „Сложувалка“ која ја има во две варијанти – филигранска сложувалка и сложувалка од ореово дрво.

– Првата сложувалка беше направена за роденденски подарок од тетка за внука и е направена во филигран. Инспирирана е од ликот на внуката. Подарокот беше полн погодок и јас добив многу позитивни критики. Подоцна разработив цела колекција која ја има во две варијанти – го раскажува парчето од „сложувалката“ Поповска.

Сето тоа ја мотивирало да продолжи со играта, да го нареди целиот мозаик. Филигранот и е голема љубов, а кога нешто работите со љубов, нема утка. Филигранот како занает имала среќа да го научи од добри мајстори, во „Златара Рубин“, каде што била на обука четири месеци. По обуката останала уште две години.

филигран1

– Случајно наидов на еден конкурс за изучување филигран и веднаш се пријавив. За да го работите потребно е многу љубов и трпение. Знае да биде многу деликатно. Поголемите парчиња накит ги работам само како нарачка. Кај нас има доста луѓе кои сакаат да си купат дизајнерско парче. Во изработката на овој накит има интелектурална, креативна работа и на крајот рачна работа. Од тој аспект, можеби допрва почнува да се цени дизајнерската работа – вели Поповска.

На неодмана завршената дизјанерска недела во Скопје, таа беше дел од две работилници – работилница за современ накит и работилница за идентитет на бренд.

– И двете беа многу корисни. Тоа што го научив веќе го применувам и задоволна сум. Всушност, тоа се гледа во новата колекција „Сложувалка“, а конечно имам и свое лого – објаснува Поповска.

Интересно е што иако го дизајнира, ретко го носи накитот на себе. – Ако носам, тоа се најчесто алки и тоа изработени од дрво – ја завршува својата приказна Поповска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top