| четврток, 6 декември 2018 |

Телевизиите бараат и интернет порталите да бидат регулирани со законот

mediumi regulacija

На јавната дебата организирана во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми, најголемите телевизии во Македонија побараа Агенцијата да го испочитува и делот на законот кој предвидува да се набљудува работата на интернет порталите. Советот на Агенцијата и нејзините стручни служби расправаа за предложената методологија со која ќе се набљудува известувањето на телевизиите и радио дистрибутерите, но се изоставува законски предвиденото набљудување на работата на интернет порталите. ­

– Петте телевизии сериозно протестираат на вашата интерна одлука со која сметам дека правите упад во последните измени на изборното законодавство затоа што сметаме дека немате право да го промените членот по кој се инсистира на мониторирање на сите што се застапени во изборниот закон. Доколку тоа го направите, се поставува прашањето зошто би требало ние да бидеме мониторирани, а вие да решите кој не треба да биде мониториран, изјави Иван Мирчевски од Македонската медиумска асоцијација, која ги обединува петте најголеми комерцијални телевизии (Алсат, Алфа, Канал 5, Сител и Телма).

Тој додаде дека праксата покажува оти најчестите примери на ширење говор на омраза се токму преку интернет порталите. Боби Христов од телевизијата Телма се придружи во барањето и интернет порталите да бидат следени за начинот на кој ќе известуваат, евентуално прекршување на правилата за балансираност и ширењето говор на омраза.

Директорот на Агенцијата Зоран Трајчевски и Емилија Петреска Камењарова од програмскиот сектор одговорија дека во консултација со меѓународни организации заклучиле дека поради непостоење јасна дефиниција на тоа кои електронски медиуми потпаѓаат под „интернет портал“, поради непостоење регистар на интернет портали и немање меѓународна пракса за мониторирање на порталите, Агенцијата решила да не ја набљудува нивната работа.

Мирчевски воедно ја оцени предложената методологија, за која Советот на Агенцијата решава во петок, како документ кој остава простор за субјективно казнување на медиумите. Според него, делот од методологијата со кој ќе се оценуваат квалитативните аспекти на балансираноста треба да се отстрани, бидејќи од набљудувачите на Агенцијата ќе се очекува да го оценуваат тонот на медиумските прилози, односно дали прилогот содржел сатирични или оптимистички тонови, па дури и аголот на камерата. Според Агенцијата, методологијата била изработена по примерот на сличната француска методологија, имајќи предвид дека од европските држави само Франција и Италија спроведуваат слично набљудување на известувањето во предизборниот период.

­ Агенцијата ги разгледа искуствата од европските земји и одбран е францускиот модел за постигнување политички плурализам надвор од изборни периоди прилагоден на македонската практика и регулатива, соопшти Агенцијата.

На јавната расправа присуствуваа и членовите на Привремената комисија за следење на медиумското претставување, кои дискутираа за нивната улога во набљудувањето на медиумското известување од страна на Агенцијата. Оваа Комисија беше формирана согласно политичкиот договор на четирите најголеми партии и до утре би требало да биде комплетиран нејзиниот персонален состав.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top