| четврток, 6 декември 2018 |

Македонско ни за лек!

Турски, индиски, американски серии, српски емисии, во последно време има такви филмови и само таква музика - програмата на македонските телевизии е сѐ, само не македонска

Минимум 11 часа во едно деноноќие на трите најголеми македонски телевизиски куќи се посветени на турски и на индиски серии и на емисии на српски јазик. Во часовите што остануваат, се емитуваат вести и македонски емисии, кои најчесто се репризи и кои се даваат доцна во ноќта, кога сите спијат. Законски, нивната квота е пополнета. Етички и реално – тешко нас!

Од гледна точка на телевизиите

Турците имаат добра тактика, кога продаваат една хит-серија, во пакетот ви додаваат уште неколку второкласни. На телевизиите им остануваат десет серии, кои се пуштаат уште од девет часот наутро и со кои се полни програмата. За нив тоа е одлична зделка, а рејтингот само им го потврдува тоа. Ваквата состојба кулминираше во последните три години. Од конкуренција со неколку забавни емисии по телевизиите, останавме на два-три вакви производи.

Последните Мохиканци

Како една од поголемите македонски продукции, „Томато“ годишно имаше двоцифрен број наши емисии, натпревар за таленти и огромна промоција на македонската музика. Денес бројот е драстично намален.

– Проблемот не е во продукциите, туку во телевизиите. Тие го гледаат рејтингот и ја мерат гледаноста и со тоа директно влијаат на програмата. Тоа ти е како самопослуга. Некој ти нуди продукт и ти решаваш кој ќе го купиш. Македонските телевизии сѐ помалку се решаваат да купат нешто наше. Како што е сегашната состојба, ним не им требаат повеќе од неколку работници, еден да пушта три турски серии, друг четири српски емисии, а на страна други да ги прават вестите. Ако така продолжи работата, сите ќе си го затвориме бизнисот – вели Бане Поповиќ од продукција „Томато“.

Емисијата „Еден на еден“ од истоимената продукција веќе неколку години се бори против едноличноста на програмата.

– Телевизиите се лепат за мерењето рејтинзи како муви за…, и притоа бараат резултати сега, веднаш! Веројатно тоа е една од причините што како никогаш досега сме преплавени со српски и со турски забавни емисии и серии (на национална телевизија неколку пати неделно има емисија на српски „во живо“!). Квалитетни или неквалитетни, факт е дека во тие емисии се фрлени еден тон пари. Од друга страна, колку и да имате идеја или квалитет кај нас, без пари сте многу ограничени. Балканскиве производи во однос на проектите на домашните продукции изгледаат како Бил Гејтс лично да ги финансира. Притоа, телевизиите речиси не размислуваат за создавање своја квалитетна содржина. Доколку оваа ситуација продолжи како што е, мислам дека сосема ќе го уништиме секој креативен потенцијал и, можеби, ќе почнеме да гледаме и вести од некоја друга држава, не само забавна програма – смета Жарко Димитриоски од „Еден на еден“.

Најпогодени од ваквиот распоред на програмата се македонските музичари. Нивните видеоспотови најчесто завршуваат само на „Јутјуб“, или пак, се пуштаат во ниедно време, а во текот на целиот ден се пласираат српски песни. Својата беспомошност и револт често ги искажуваат по социјалните мрежи. Гаро Тавитjан Jуниор: Македонецот не заслужи да преживува и не заслужи кој како дојде од околните земји само да му ги зeма парите, а за возврат да не му даде ништо. Педесет пејачи дојдоа од Балканот во Скопје, а ниеден за возврат не беше дистрибуиран надвор, ни поканет, во знак на билатерални односи, на крајот на краиштата. Дарко Илиевски: На нашиве телевизии даваат повеќе српска музика, отколку на „Пинк“… жално! Кристина Арнаудова: Значи, да повториме – име, идентитет и држава не се гради, ниту се брани ако по цел ден емитувате програма на туѓи јазици и ако на децата прва песна за во градинка им е „Знам за један град, зове се Београд“. Или грешам?! Може така треба, што знам… Виктор Апостоловски: И уште милион пати да ја отвориме темата, пак ќе остане незатворена. Ние ќе си зборуваме, сите ќе го одобруваат и поддржуваат кажаното и пак ништо нема да се смени. И така до бескрај. Сѐ дури ние не се потсобереме и не застанеме заедно, да поставиме некакви стандарди, што никогаш нема да се случи. Ништо нема да се смени. Маја Вукичевиќ: Да штрајкуваме! Никој нема ни да забележи…

 

Решение?

Проблемот е што, гледајќи на подолги патеки, губиме сите. Публиката доживува културен геноцид, а телевизиите на тие 30 проценти македонска програма, кои законски мора да ги создадат и пуштат, најчесто до толку не им обрнуваат внимание, што е дури непотребно и да ги плукаш.

– Има излез. Треба паметно, ама, навистина, паметно вложување во домашна продукција, сѐ додека работите не дојдат на свое место и, секако, многу поквалитетен национален сервис, кој треба да биде котва на вистински квалитетна програма. Долгорочно, придобивката на нашите телевизии ќе биде значително поголема доколку се оди со овој пристап. Компанијата „Еден на Еден“ како продуцент на шоуто „Еден на Еден“ максимално се труди работејќи на работ на рентабилноста да покаже дека квалитетот и домашното производство е нешто што може да помине на пазарот. Мораме да истакнеме дека во исполнување на таа цел добиваме поддршка од телевизијата и, секако, од спонзорите, кои од година во година сѐ повеќе го препознаваат производот и трудот вложен во него – вели Димитриоски.

Поповиќ, исто така, смета дека решението е сѐ поголемо производство на македонско.

– Важно е да се поддржи македонското производство, нашата култура, јазик… Да погледнеме како е во светот, еве најблиску и во Хрватска. Таму доминира нивна програма, се гледаат хрватски емисии и серии, пред сѐ, а понатаму сѐ друго. Мора да се создаде навика кај македонските гледачи да гледаат македонско, а тоа ќе се постигне кога во континуитет ќе им се пуштаат македонски програми, создадени во Македонија и на македонски јазик. Па, којзнае, ако се добро направени, еден ден македонски емисии ќе се гледаат во Србија, а македонски серии во Турција… – вели тој.

(Пишува: Марина Костовска Текст објавен во 126. број на неделникот „Република“, 30.01.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top