| четврток, 6 декември 2018 |

40 нови вработувања во Прилеп со „Македонија вработува 2“

Само во период од месец и половина во градот Прилеп се реализирани 40 нови вработувања во 25 фирми преку проектот „Македонија вработува 2“, кој се покажа како најуспешен проект за намалување на невработеноста во градот, посочи денеска Филип Димитриески од Центарот за вработување Прилеп при АВРМ.

Градоначалникот Марјан Ристески зборувајќи за значајноста на проектот на Владата и на АВРМ додаде дека со овозможување на проекти од ваков тип се намалува невработеноста, а лицата кои немаат работа им се дава добра можност побрзо да дојдат до неа.

Поволностите од проектот ги користат фирми кои редовно плаќаат даноци, плати и придонеси за вработените. Само со првиот проект „Македонија вработува“, во Прилеп се вработиле 956 активни баратели на работа.

makedonija vrabotuva 2Проектот „Македонија вработува 2“ опфаќа повеќе категории лица;  Млади до 35 години, потоа долгорочно невработени од 35 до 50 години,  невработени над 50 години, невработени над 58 години кои последните две години се без вработување, како и невработени лица со социјален ризик.

Првата категорија, што ќе може да го користи проектот, се невработени млади до 35 години за кои работодавачот е ослободен од плаќање придонеси и персонален данок три години. Пред вработувањето не треба да имаат заснован работен однос најмалку три месеци, a работодавачот е должен да ги задржи на работа  уште 12 месеци по истекот на периодот за кој што е ослободен од плаќање придонеси.

Втората категорија се долгорочно невработени од 35 до 50 години за кои има ослободување од придонеси пет години. Услов е лицето во последните 15 години да било најмногу пет години во работен однос и најмалку три месеци пред вработувањето да немало заснован работен однос согласно со мерката. Работодавачот е должен да го задржи лицето  уште најмалку 12 месеци по истекот на периодот за којшто е ослободен од плаќање придонеси или вкупно најмалку 6 години.

Со третата категорија се опфатени невработени над 50 години за кои ослободувањето од придонеси е 60 месеци. И за нив има услов најмалку три месеци пред вработувањето да немаат заснован работен однос.

Четвртата категорија се невработени над 58 години, во последните две години без вработување. За нив работодавачот ќе биде ослободен од плаќање придонеси до остварување на правото на старосна пензија.

Петтата категорија, се невработени лица со социјален ризик (лица со инвалидност, родители на деца со пречки во развојот, самохрани родители,родител во  еднородителски семејства, родители на три и повеќе деца, како и поранешни професионални војници). Ослободувањето од плаќање на придонеси ќе биде пет години, а не треба да бидат во работен однос три месеци 60 месеци пред вработувањето.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top