Македонската кошаркарска репрезентација ја забележа првата победа на турнирот „Трофеј Македонија“, откако по вчерашниот пораз од Црна Гора, денес ја совлада Белгија со 72-67 (23-17, 15-12, 17-18, 17-20).
Црвено-жолтите“ одиграа подобро отколку на премиерниот меч со Црна Гора, а триумфот е уште поголем ако се знае дека е забележан без помошта на Ромео Тревис, кој поради ситна повреда го пропушти денешниот натпревар. Најзаслужни за триумфот беа близнаците Војдан и Дамјан Стојановски, кои одиграа одличен меч, а повторно на ниво беше и Јанески, кој одличната партија ја запечати со тројка со која го осигура победникот.
Драган Раца поучен од вчерашниот добар меч против БиХ, постави стриктна одбрана на Де Зеув и го лимитира на половина од вчерашниот учинок. Втората четвртина донесе многу цврстина, малку поени и одржување на позитивата за нашиот состав од почетната фаза на мечот. Следеше серија на технички грешки од двете страни и браќата Стојановски го одржуваат нашиот состав во позитива од 8-10 поени.
Сепак на почетокот од последната четвртина Ванвијм погоди неколку пати во серија и ги врати нашите противници до -6. Раца побара тајм-аут, кога со нов белгиски бран резултат беше израмнет на 59-59 со поените на Тумба. Дури и гостите од Белгија поведоа, но брзо возврати Александар Костоски. Тројката на Јаневски на половина минута до крајот го одлучи победникот (72-67).
Во македонската селекција Војдан Стојановски постигна 25 поени надополнети со осум скока, три асистенции и три украдени топки. Неговиот брат Дамјан даде 20. Во белгиската репрезентација се истакнаа Салуму со 14 и Тумба со 10 поени. Утре македонската селекција го завршува „Трофејот Македонија“ со меч со БиХ, која ги загуби двата натпревари во досегашниот тек на турнирот
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.