Словенецот Јанез Коцијанчич го наследи Ирецот Пат Хики на функцијата претседател на Европскиот олимписки комитет откако ирскиот претставник поднесе оставка.
Хики поднесе оставка на сите функции во Меѓународниот и Европскиот олимпски комитет, како и комитетот во Ирска, откако на 5. август беше уапсен од бразилската полиција, осомничен за илегално препродавање влезници за Олимписките игри во Рио.
Коцијанчич досега беше потпретседател на ЕОК, европска организација на 50 земји. Ирецот Хики (71) беше уапсен во моментите кога се обидувал да побегне од Бразил.
При претресот во хотелската соба, во која бил со својата сопруга, полицијата пронашла 700 влезници, што по повисока цена требало да се продадат пред свеченото отворање на Олимпијадата.
Станува збор за организирана шема за препродавање карти по многу повисока цена од вистинската, со која полицијата верува можело да се заработат до 3,1 милион американски долари. Олимписки комитет на Ирска (ОКИ) соопшти дека Хики ги има суспендирано своите активности додека трае истрагата во која како што е речено тој целосно соработува со полицијата.
Во Ирска апсењето на Пат Хики предизвика политички бранувања, па пратеници од владејачката партија побараа тој целосно да биде тргнат од олимпискиот комитет и да одговара за она што го има направено во Бразил.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.