| четврток, 6 декември 2018 |

Специјалното јавно обвинителство ја започна изборната кампања на СДСМ

Специјалното јавно обвинителство ја стартуваше изборната кампања на СДСМ. Нема граѓанин во земјава кој не го гледа и не го осудува очајот и деструкцијата во кои што тоне СДСМ. Прашање на време беше кога Заев ќе го активира својот главен изборен адут и кога ќе го притисне копчето за будење од неколкумесечниот сон на Катица Јанева и нејзините соработници, истакна  денеска на прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски.

Тоа што го прави Катица Јанева е обичен политички циркус и нема ниту „П“ од право. Се кршат сите законски норми, по нарачка се конструираат непостоечки случаи и се прави театар само со една цел, дисквалификација, дискредитација и оцрнување на членовите на ВМРО-ДПМНЕ. На тој начин Зоран Заев и  Катица Јанева веруваат дека ќе ја покријат неговата неспособност и дека ќе компензираат барем дел од исклучително нискиот углед кој Заев го има меѓу граѓаните, рече Николвски и потсети дека Катица Јанева пред неколку дена направи нов преседан со сооштението кое го пушти до медиумите дека „во периодот што следи ќе има зголемена фреквенција на лица во СЈО“.

Нема ниту еден пример за вакво работење, ниту во праксата во Република Македонија, ниту во која било друга земја. Ваквиот повик на Катица Јанева е отворен сигнал до медиумите под контрола на СДСМ/Сорос да почнат со линчот и личните дисквалификации без никаква основа. Само по желба и нарачка на Зоран Заев, вели Николовски.

Од СЈО пред неколку дена изразија негодување зошто судот не изрекол мерка притвор за еден од осомничените во предметот „Тврдина“. Аргументот на Јанева е дека тој бил избран за директор во меѓународно тело и постоела опасност да не се појавува на распитите. За само една недела ваквите манипулации и невистини излегоа на виделина. Денеска осомничениот се појави на распитот на кој што беше повикан и целата јавност се увери дека станувало збор за уште еден јалов и неаргументиран обид некој да биде притворен и од тоа да се режира спектакл.

Истото се случува и со градоначалникот на Битола кој скоро два месеци е во притвор, иако редовно се одзиваше на сите покани на СЈО. Во овие два месеци СЈО во предметот против него нема преземено никакво дејствие, надлежниот обвинител беше на одмор, а остана само впечатокот дека притворот е побаран само заради политичка пресметка.

За да нема недоразбирања, ВМРО-ДПМНЕ се борело и ќе продолжи да се залага за борба против криминалот, но нема да премолчи политичка злоупотреба на институциите и политички пресметки чија единствена цел е политичка дискредитација, дециден е тој.

Веќе не постојат дилеми дека СДСМ повторно нема што да им понуди на граѓаните. Нема програма, нема проекти, нема визија која би резултирала со отворање на нови работни места и подобрување на животот на граѓаните. Има само гола политика и црна кампања во обид сите да се вовлечат во калта во која што е заглавен Зоран Заев.

Зоран Заев, Катица Јанева и сите инволвирани во ваквото сценарио најдобриот одговор ќе го добијат од народот на следните избори. Нивната деструкција и нивните манипулации ќе бидат жестоко казнети од народот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top