Да имаш три ексклузивни примероци од светски познат дневен весник во кој се споменува Македонија и тоа во почетокот на 20. век и притоа да ги подариш и на крај да побараш да останеш анонимен и да не креваш прашина околу тоа е навистина доблест. Такви луѓе се помалку има. Но, тоа се случило летово во Музјот на македонската борба за државност и самостојност, музејот на ВМРО и музеј на жртвите на комунистичкиот режим. Нашинец од Канада дошол во Музејот и му подарил три ексклузивни броја од парискиот дневен весник „Л’петит журнал“ во кој весникот одделил по цела страна, насловна и задна страница за Македонија.
- Отанале стаписани. Човекот едноставно дошол, ги побарал одговорните во Музејот и ги оставил примероците. Не сакал ниту да се претстави, ниту да остави податоци за себе. Рекол дека ова е само почеток и дека ќе носи уште многу вредни работи од Канада. За жал, јас не бев тука кога дошол гостинот. Ако бев, сигурно ќе бев поупорен да дознаам нешто повеќе за него – вели Бранислав Светозаревиќ, директор на Музејот кој за „Република“ ја раскажа приказната за анонимниот донатор.
Овие три броја на „Л’петит журнал“ се уште не се дел од официјалната постановка на Музејот, а „Република“ ја имаше екслузивната можност да го фотографира и да ги претстави во јавноста.
Македонецот од Канада минатото лето во Музејот донел три броја на парискиот дневен весник со дата од 26 јули, од 27 септември и 27 октомври 1903 година. На бројот од 26 јули 1903 година на насловната страница има илустрација во која се опишува напад на комитска чета врз турски аскер. Во состав на комитската чета има и една жена.
- Според пишувањата, станува збор за Катарина Арнаудова, која во коментарот на францускиот дневен весник е опишана како македонската Јованка Орлеанка – објаснува историчарот Светозаревиќ.
Во вториот број што анонимниот донатор го оставил во Музејот има илустрација во која се гледа напад на турски аскер врз една македонска куќа. На илустрацијата се гледа како еден комита фрла бомба врз заптиите, а зад него има невини жртви – старци, мајка со дете. На третиот ориганален примерок од „Л’петит журнал“ е илустрирано грабнувањето на Мис Стон.
Сево ова е доказ дека европскиот печат будно ги следел настаните во Македонија во почетокот на 20. век, почетокот на Илинденското востание, формирањето на комитските чети, кружоците…
Секој кој се занимава со колекционарска работа свесен е со колкава љубов луѓето ги подаруваат вредните предмети, документи, писма, семејни блага кои со децении ги чувале во своите домови.
– Луѓето сфатија дека не е безначајно нивното име да стои зад овие експонати. Доаѓаат со радост, со емоции, со солзи во очите и ги подаруваат своите предемти. До неодамна работев како професионален архивист и повеќе од 40 години сум колекционер и можеби затоа луѓето полесно ми приоѓаа и имаа доверба кога ми ги даваа нивните предмети за откуп. Имаме колекционери кои се роднини, имаме експонати од луѓе кои не се колекционери, но кои овде донеле некој предмет кој е семејна реликвија и кој тука ја добил вистинската вредност – објаснува Светозаревиќ.
Механџиски најголем донатор
Благоја Механџиски, сопственикот на приватните аптеки „Зегин“ на Музејот му подарил 70 парчиња многу ретко оружје, а од директорот Бранислав Светозаревиќ добил плакета за најголем донатор. Тој е еден од донаторите кои се всушност мецени и кои подаруваат многу вредни подароци. Механџиски е колекционер 40 години и тој се што ќе разбере дека е од Македонија, го откупува, не прашува за пари, не прашува колку чини.
- Тој е голем патриот и треба да сме благодарни на такви личности – вели Светозаревиќ.
Од вкупно 7.000 странски гости кои го посетиле Музејот за една година колку што постои, летово 4.000 биле Холанѓани. Тоа е заслуга на Ана Вишинова, водичот во Музејот на македонската борба, која има одлична соработка со туристичките агенции. Вишинова го води и проектот за учество на Музејот за натпревар во Европската музејска академија за наградата Мичелети.
- Соработувамe и со средното музичко-балетско училиште „Илија Николовски Луј“, со фолклорната насока со професорите Владимир Јаневски и Тимко Чичаковски кои секој петок редовната пракса ја одржуваат тука, во Музејот – вели Вишинова.
Поради сиве овие ангажмани Вишинова беше прогласена за најдобар работник во Музејот.
Во музејот моментно, збирката на оригинални предмети брои 1.064 експонати, а од нив 754 се откупени, а 310 предмети се подарени. Покрај нив, има 109 восочни фигури, 80 уметнички слики-масовни сцени и 17 портрети.
И претседателот Иванов подарил еден број на „Л’петит журнал“
Претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов му подарил на Музејот еден број на „Л’петит журанл“ и тој број на весникот е во официјалната постановка. Станува збор за бројот во кој се опишува нападот на комитската чета во чиј состав е Катарина Арнаудова, истиот број кој го донирал анонимно нашинецот од Канада. Музејот тој број го добил на подарок непосредно пред отварањето, на 8 септември 2011 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.