Аргентискиот тенисер Хуан Мартин дел Потро е сензационален финалист на тенискиот турнир на Олимписките игри во Рио.
Тој во второто полуфинале што заврши предмалку славеше со 2-1 (5-7, 6-4, 7-6) во сетови над еден од главните конкуренти и олимписки шампион од пред осум години, Рафаел Надал.
Публиката на централниот терен можеше да проследи фантастична игра на двајцата тенисери, а во финалето се чини дека оди посреќниот.
Дел Потро дојде во Рио мачејќи се со повредите во последните неколку години по бесброј операции. Кариерата му беше во знак прашање, но тој успеа да смогне сили да стигне до самата завршница. За потсетување Аргентиецот во првото коло успеа да го елеиминира најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ и со солзи во очите успеа да го испрати од Олимпијадата.
141. светски рекет го доби првиот сет со 7-5, Надал возврати со 6-4 во вториот, а лавовска битка се водеше во решавачкиот сет. Аргентинскиот тенисер направи брејк за водство од 5-4, но кога сите мислеа дека тоа е сигурна победа Надал врати со рибрејк, по што финалистот се решаваше во тајбрејк.
Дел Потро рано поведе со 3-0 и ја одржуваше предноста, Надал се приближи до 6-5, но потоа Шпанецот имаше неизнудена грешка со која му ја подари победата на противникот.
Најголемиот предизвик за аргентинскиот тенисер дефинитивно ќе биде големото финале, каде тој против себе ќе го има Енди Мареј. Британецот, кој воедно е и бранител на златото од пред четири години во Лондон, попладнево во првата полуфинална пресметка рутински го совлада Кеи Нишикори со 6-1, 6-4.
Финалето е закажано за в недела со почеток од 17. часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.