Грчките аналитичари сметаат дека Грција инвестира во албанскиот национализам со намера да поттикне внатрешна криза во Македонија меѓу двете најголеми етнички заедници во поглед на евроинтеграциите. Тие оценуваат дека ваквата тактика на Атина е погрешна и дека нема да донесе никаков ефект во корист на Грција.
Грчкиот политичар и аналитичар Грегори Валијанатос цени дека причината зошто грчките политичари се поподготвени да зборуваат со албанските политичари од Македонија лежи во нивната желба да се случи некаква криза во земјава во име на евроинтегративниот процес, пренесува „Дневник“.
– Грчките функционери инвестираат во албанскиот притисок за решавање на спорот за името. Мислам дека тоа е губење време и посветување на албанскиот национализам – вели Валијанатос и додава дека Грците, всушност, вршат пресија врз Албанците да кажат дека се Албанци, а не Македонци.
Според аналитичарот од ЕЛИАМЕП, Јоргос Ѕогопулос, пак, во интерес на Грција е да слушне мислења за прашањето за името од разни партии од Македонија, но без да се меша во нејзините внатрешни работи.
– Не очекувам ништо особено од средбата, но верувам дека таквите разговори може да бидат корисни за да се унапреди дијалогот и да се слушнат сите мислења – вели Ѕогопулос.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.