Пораката за ова лето е јасна – облечете сребрена боја! Може да ја комбинирате дури и со спортски парчиња.
Сјајот на металот беше полн погодок во 70-тите години на минатиот век кога сите танцуваа на „Dancing Queen“, а облеката мораше да биде разнобојна и светкава.
Оттогаш до денес сребрената боја помина низ разни фази и промени, а оваа сезона се враќа во центарот на вниманието. Дизајнерите постојано експериментираат со овој тренд, кој од 21 век се појавува во разни варијанти. Оваа година, покрај пастелно розовата и жолтозелената, сребрената боја, дефинитивно, преовладува на модните писти, без разлика дали станува збор за кратки фустани за жешки денови или за модни детали за сите љубители на панк-музиката.
Панталоните со сребрена боја може да се носат и за дневни комбинација ако се комбинираат со бела маица и со минимална шминка. Оваа сезона „Шанел“ претстави јакни со сребрени апликации кои многу ефективно и едноставно може да се комбинираат со плисирани здолништа. Модните куќи за ова лето претставија и одлични додатоци како, на пример, сребрена чанта или дијадема.
Сребрените куси панталони се можеби најважното парче од гардеробата за ова лето, во комбинација со кошула со поголем број.
Ако сакате да бидете во центарот на вниманието за вечерните излегувања, облечете едноставен долг фустан со длабоко деколте во сребрена боја. Или, пак, ако сте љубители на монохроматска гардероба, истакнете се со необични сребрени детали.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.