| четврток, 6 декември 2018 |

Хрватите се разбудија, Вујо со Словенија обезбеди четвртфинале

Еден од најинтересните турнири во екипни спортови на Олимписките игри во Рио 2016 година е ракометниот. Во две изедначени групи сите репрезентации ја гледаат својата шанса за пласман во четвртфиналето.

domagoj duvnjak

Бронзената селекција на последното Европско првенство, Хрватска, одигра одличен натпревар против еден од главните конкуренти за златниот медал, репрезентацијата на Данска. Избраниците на селекторот Бабиќ предводени од Домагој Дувњак славеа со 27-24 во третото коло од групата А.

По бледото издание на првите два меча против Катар и потоа против Аргентина, „каубоите“ конечно заиграа во вистинско светло и во поголемиот дел одржуваа солидна предност во дуелот со Данска. Највисоки +5, Хрватите имаа на десет минути пред крај кога поведоа со 25-20.

Најзаслужен за триумфот на Храватска беа Домагој Дувњак со осум гола и голманот Иван Пешиќ кој одбрани неколку клучни зицери и запиша вкупно девет одбрани. Кај Данска најефикасен беше Ласе Свен Хансен со девет погодоци.

Во вториот натпревар од групата А, Катар спаси бод во дуелот со Тунис (25-25). Третото коло во оваа група ќе се комплетира со дуелот меѓу Франција и Аргентина (02.50 ч.), кој ќе го водат македонските судии Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.

Во групата Б, Полска по двата порази на стартот, конечно стигна до првата победа во дуелот против Египет (33-25) и останува во игра за место во четвртфиналето.

veseiln vujovic

Во истата група Веселин Вујовиќ и неговите словенечки ракометари ја остварија и третата победа од исто толку меча досега, победувајќи во олимпискиот вицешампион, Шведска со 29-24.

Швеѓаните беа подобри само во почетните минути од натпреварот, а потоа Словенците целосно ја презедоа контролата на играта и на резултатот. Првиот дел го завршија со еден гол предност, а во вториот веќе се одлепија и ја осигураа победата. Одличен натпревар во словенечкиот состав одигра капитенот Урош Зорман постигнувајќи и четири гола, а најефикасни со по пет гола беа Симон Разгор и младиот Блаж Јанц.

Вујовиќ беше задоволен од победата, но изјави дека оваа негова селекција сеуште има простор за напредок. Во последните две кола Словенија ќе има два тешки меча против европскиот шампион Германија и Полска.

– Се уште не сме покажале се. Што ќе речете за Вујовиќ ако после третата победа и видниот напредок во играта речам дека не сум задоволен? Сепак, можам да кажам дека Словенија има уште простор за напредок. Некои од играчите се уште не се во вистинската форма, има понекои слабости како во одбраната така и во нападот – изјави Вујовиќ по третата победа на словенечката репрезентација.

Во последниот термин актуелниот олимписки шампион, Франција лесно и убедливо со 31-24 славеше над Аргентина, и покажа дека може да се надева на одбрана на титулата од пред четири години во Лондон.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top