| четврток, 6 декември 2018 |

МЗТ Скопје подготвува сериозен тим, Џеремаја Мејси е нов играч на шампионот

dzeremaja mejsi

Поранешниот македонски репрезентативец, Џеремаја Мејси, е нов член на МЗТ Скопје откако 34-годишниот кошаркар денеска и официјално потпиша договор на една сезона со македонскиот шамион.

Мејси е кошаркар кој најдобро се снаоѓа на позицијата „четири“ и сигурно ќе му биде од огромна помош на тренерот Рајковиќ во битката под обрачите. Американецот со македонски пасош својата европска авантура ја почна во 2005 година во дресот на грчка Лариса, по што се пресели во редовите на Арис, тим за кој настапуваше од 2006 до 2008 година. Добрите игри за клубот од Солун беа препорака за Мјси да направи мегатрансфер во Реал Мадрид, клуб каде мина една и пол сезона.

Во последните неколку години новото засилување на МЗТ Скопје настапуваше во Либан, каде ги бранеше боите на Шампвил, Амчит клуб и за Ал Ријади. Во месец април потпиша за аргентинскиот прволигаш Депортиво либертад, од каде што доаѓа во таборот на МЗТ Скопје Аеродром.

Мејси е поранешен репрезентативец на Македонија, откако пред осум години доби македонско државјанство во пресрет на квалификациите за ЕП 2009 во Полска. Во жолто-црвениот дрес дебитираше на 3 септември 2008 година на мечот против Летонија во Рига, а последниот, вкупно 12-ти натпревар, го одигра против Русија на континенталниот собир на кој македонската селекција се појави за првпат по пауза од една деценија. На шесте квалификациски средби против Летонија, Португалија и Естонија имаше просек од 13,5 поени и шест скока додека на ЕП на исто толку мечеви просечно реализираше 12 поени и 4,8 скока.

Џеремаја Мејси е шестиот кошаркар кој летово потпиша договор со шампионот, по Шарлон Клоф, Џош Скот, Ѓорѓе Дреновац, Урош Лучиќ и Марко Симоновски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top